Солидаризајќи се со дел од балканските држави, меѓу кои Албанија, БиХ, Хрватска, Косово и Турција, кои најавија дека нема да испратат свои амбасадори на церемонијата, Македонија вечерва го поддржа бојкотот на церемонијата на доделувањето на Нобеловата награда за литература на контроверзниот австриски писател Петер Хандке.

И покрај негодувањата на меѓународната јавност поради отворената поддршка на српскиот национализам и Слободан Милошевиќ за време на војните во поранешна Југославија во деведесеттите, како и негирањето на геноцидот во Сребреница, во кој беа убиени над 8.000 муслимански мажи, Хандке вечерва ја прими наградата од кралот Карл Густаф 16.

Мора да се спротивставиме на негирањето на геноцидот. Затоа му дадовме инструкции на амбасадорот на Македонија во Шведска да не земе учество во церемонијата на доделувањето на Нобелова награда на Хандке, напиша министерот за надворешни работи Никола Димитров на Твитер.

Турскиот претседател Ердоган кажа дека тоа значи награда за кршење на човекови права.

Доделувањето на Нобеловата награда на Хандке значи оправдување на воените злосторства сторени за време на распадот на Југославија, изјави министерот за надворешни работи на Албанија Гент Чекај.

Во Стокхолм исто така беа најавени протести, што ги организира босанскиот писател Аднан Махмутовиќ.

Геноцид не е настан туку процес, чија последна фаза е негирањето. Да не дозволиме тоа да биде легитимирано од наследството на Нобел, кажа Махмутовиќ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.