Асоцијација на независна културна сцена „Јадро“ неодамна имаше јавна расправа и промоција на публикацијата, односно документот за јавни политики „Националните финансиски политики во културата“, во авторство на економскиот истражувач Бранимир Јовановиќ.

„Јадро“ веќе десет години формално, а неформално од самото осамостојување, будно ги следи државните политики, како и државното финансирање во културата. Причината за анализа на државниот буџет е чекор кон подобро разбирање на политиките на Министерството за култура, која ќе ни даде преглед и ќе ни помогне да најдеме подобри решенија за подобрување на прекарната состојба во која независниот културен сектор се наоѓа со децении. Ваквите анализи не се ништо ново, во сите земји од регионот постојат слични истражувања, најчесто изработени од нашите колеги од независниот сектор. Според мене, ние дури и доцниме – рече културната работничка и историчарка на уметност Тијана Ана Спасовска.

Првиот дел од документот е посветен на анализа на државните буџети за култура.

Наодите се поразителни. Македонија како држава вложува само 0,5 отсто од својот БДП за култура, што е меѓу најниските во регионот. Хрватска и Словенија, на пример, вложуваат 1,5 отсто од својот БДП. Вложувањата во културата во Македонија се намалуваат во последните години. Ако во периодот 2008-2017 се вложувало 0,7-0,8 отсто од БДП, од 2019-та наваму тоа е намалено на само 0,5 отсто. Дури и тие малку буџетски средства што се издвојуваат за култура не се користат целосно. Во просек, секоја година околу 5 отсто од државниот буџет за култура останува неискористен – рече Бранимир Јовановиќ, еден од учесниците на дебатата.

Вториот дел од публикацијата се фокусира на годишните конкурси за финансирање проекти од национален интерес во културата за 2021 и 2022 година. Според Јовановиќ, конкурсите не се доволно транспарентни.

Не се објавуваат проектите што не биле поддржани, туку само оние што се. Не се објавуваат причините поради кои проектите не биле поддржани, или не ги добиле сите побарувани средства. Не се објавува колку пари биле побарани за секој проект, туку само колку биле доделени. Резултатите од конкурсите за проекти од национален интерес се објавуваат заедно со повиците за националните установи од областа на културата, што внесува конфузија (првите се однесуваат на независната културна сцена, вторите на институционалната). Класификацијата на дејностите од културата се разликува во Законот за култура, во државните буџети и во годишните конкурси, што отвора простор за субјективности – вели тој.

Државните вложувања во културата во Македонија се меѓу најниските во регионот и се намалуваат последниве години. Дополнително, буџетите за култура не се реализираат целосно, при што реализацијата е особено слаба последниве три години.

Според мене, ова е последица на тоа што политичарите и креаторите на политиките не го сфаќаат значењето на културата. Не сфаќаат дека културата е критична за развојот на едно општество и дека таа не може да се развива без поддршка од државата. Тие сметаат дека државните вложувања во култура се небитни, па дури и непотребни, и затоа се трудат да ги сведат на минимум – посочува Бранимир.

На прашањето кои решенија се неопходни за да се подобри финансиската слика на културата, тој вели дека студијата има три главни препораки. Прво, државниот буџет за култура значајно да се зголеми, на минимум 0,7 отсто од БДП, колку што изнесува во Бугарија и Косово и колку што изнесувал во периодот 2008-2017.

Станува збор за околу 25 милиони евра годишно, што е дреболија за еден државен буџет од 5,5 милијарди евра, колку што е буџетот за 2023 година. Втората препорака е средствата за независната културна сцена, односно за годишните конкурси за проекти од национален интерес, да изнесуваат 10 отсто од вкупниот буџет за култура. И третата препорака е да се подобри транспарентноста на државното финансирање на културата, односно да се елиминираат сите оние слабости што ги наведов претходно – рече Бранимир.

Како дел од студијата е и зајакнување на независниот културен сектор.

Најпрво би сакала да кажам дека еден голем дел од нашите залагања за промена на државните политики во културниот сектор е разбирање на секторот како пошироко поле на дејствување. Простор што покрај уметничко дејствување и творештво, подразбира и длабоко промислување на заедниците и социополитичките апарати, нужен за демократизација на општествените процеси. Затоа во културата, покрај уметниците, кои доаѓаат од сите гранки на уметноста, припаѓаат и кураторите, издавачите, социолозите на култура, активистите од областа на културата, како и многу други категории на професии што се дел од вонинституционалната сцена – вели Тијана.

Според нив, нужно е зголемување на буџетот за култура на минимум 0,7 отсто од БДП и зголемување на поддршката за независната културна сцена за барем 10 отсто од генералниот буџет за култура, проследено со транспарентно и фер распределување на средствата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.