Македонија и Албанија отвораат ново поглавје во заедничкото управување со природното и културното наследство на Охридскиот Регион
Денеска во Охрид се договоривме дека отвораме ново поглавје во билатералните односи меѓу Македонија и Албанија. Се согласивме дека преку заедничкото управување на нашето природно и културно наследство што го споделуваме со целиот свет, односно со преземање конкретни чекори за заштита, ќе поставиме пример и за развојот на добрососедските односи, за подобар и поблиску интегриран балкански регион“, кажа министерката за култура Ирена Стефоска на заедничката седница на националните комисии на УНЕСКО на Македонија и на Албанија што се одржа денеска во Охрид.
На седницата претседаваа министерките за култура на Македонија и на Албанија, Ирена Стефоска и Елва Маргарити, а придонес, од аспект на своите ингеренции, дадоа и македонскиот министер за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини, неговиот албански колега, министерот за туризам и животна средина Бленди Клоси, како и членовите на националните комисии и експерти од двете земји.
Конкретно, Македонија и Албанија ќе изработат заеднички стратегиски план со дефинирани цели, заеднички иницијативи и проекти за заштита на Охридскиот Регион како исклучителна вредност. Планот ќе вклучува и корективни мерки, со временска рамка, а во периодот што следува ќе биде посветено поголемо внимание на прецизна координација во контекст на заедничкото управување на Охридскиот Регион во согласност со насоките од последниот извештај на Реактивната мисија на УНЕСКО.
Соработката што ја воспоставивме со Македонија ни отвора врати за нови активности. Не чекаат ангажмани кои беа подзаборавени заради пандемијата и на кои сега со обезбедување на услови забрзано ќе работиме“, рече албанската министерка за култура Маргарити.
Министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини додаде дека во однос на Охридскиот Регион двете држави се сериозни во намерата да се следат препораките и да се зачува статусот на УНЕСКО, како и воопшто да се унапреди состојбата на Охридскиот Регион и да се заштити природното и културното наследство кое го поседува.
Драго ми е што сите активности се преземаат координирано со нашите соседи, и што настапуваме заеднички пред Комитетот на УНЕСКО презентирајќи ја идејата за конкретен заеднички План за опоравување и акциски план, со што ја покажуваме сериозноста во нашиот пристап и се надевам дека ќе добиеме дополнителен временски период за исполнување на истиот, пред да се најдеме на листата на загрозено светско наследство, изјави министерот Нуредини.
На состанокот беше истакнато дека Република Македонија и Република Албанија се особено горди што исклучителниот Охридски Регион е запишан на списокот на светско наследство на УНЕСКО и двете страни, во тесна соработка со сите релевантни државни институции, локалните заедници и општините, како и со граѓанското општество, преземаат обемни активности за зачувување и за заштита на наследството во сите негови аспекти и компоненти.
Беше нагласено дека во текот на последните две години, Македонија и Албанија дополнително ги интензивираа напорите за спроведување на препораките што произлегуваат од соодветните одлуки на Комитетот за светско наследство и на Реактивната мисија. Претставниците на националните комисии на двете земји се договорија заедничкиот стратегиски план, кој ќе содржи и детален акциски план со мерки и идни активности, да го достават до Центарот за светско наследство на УНЕСКО најдоцна до февруари 2022 година.
Министерките за култура, Стефоска и Маргарити, своите заложби за идна целосна посветеност за успешна имплементација на Конвенцијата за светско наследство и зачувување на статусот на светско наследство на Охридскиот Регион ги потврдија и со потпишувањето на заедничка изјава.
Двете министерки за култура во Охрид потпишаа и Програма за соработка во областа на културата меѓу министерствата за култура на Македонија и на Албанија за периодот од 2021 до 2026 година, со која се манифестираат заложбите на унапредување на традиционално добрите културни врски. Со Програмата е предвидена поинтензивна соработка меѓу институциите од областа на културата во двете земји, соработка во заштитата и промоцијата на природното и културното богатство на Oхридскиот Регион, како и соработка во спречувањето на нелегалната трговија со културни добра.
Во неформалниот дел, албанската министерка за култура, Маргарити, и делегацијата во која беше и заменик-министерката за култура на Албанија, Мери Кумбе, имаа можност да се запознаат со богатото културно-историско наследство на Охрид, а ги посетија Античкиот театар, Галеријата на икони, црквата „Св. Богородица Перивлепта“ и Куќата на Робевци.
Во вечерните часови, министерките за култура Стефоска и Маргарити, како и заменик-министерката Кумбе, ќе присуствуваат на свеченото отворање на „Охридско лето“ во Античкиот театар, што ќе започне со големиот музичко-сценски спектакл, во изведба на Националната опера и балет, составен од најубавите дела на рускиот виртуоз Чајковски. Под диригентската палка на Бисера Чадловска, ќе бидат изведени делови од балетската трилогија „Лебедово езеро“, „Оревокршачка“ и „Заспаната убавица“, како и извадоци од балетот „Ана Каренина“ и од операта „Евгениј Онегин“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.