Третото издание на МакеКоПроДокс форумот, што онлајн се одржа од 23 до 25 август во рамките на 12. МакеДокс, заврши со вебинар на кој се зборуваше за Договорот што Република Македонија го потпиша со францускиот Национален центар за кинематографија и анимирани слики (CNC – Centre national du cinéma et de l’image animée) во февруари годинава. На највисоко ниво, Договорот, кој се однесува на филмската копродукција помеѓу двете земји, а во кој надлежни институции се Агенцијата за филм на Република Македонија и францускиот Национален центар за кинематографија и анимирани слики, беше потпишан од актуелните министри за надворешни работи на двете држави.
Вебинарот што се одржа на 25 август беше модериран од Хеле Хансен, како говорници беа вклучени Мишел Плазанет, заменик-директор за меѓународна комуникација на ЦНЦ, и Анита Стојческа, виш соработник за филмска дејност во Агенцијата за филм. Плазанет зборуваше за начинот на функционирање и активностите на францускиот центар за кинематографија, додека Стојческа го истакна значењето на договорот за филмскиот сектор на Македонија. Во рамките на вебинарот со свои коментари и прашања се вклучија продуцентот Виктор Еде и режисерката Петра Селишкар. Говорниците одговараа и на прашања што онлајн беа поставени од публиката. Форумот е организиран и поддржан од „МакеДокс“, Агенција за филм на Република Македонија, Гете институт Скопје и Младински културен центар Скопје.
На последниот ден на 12. МакеДокс, на 26 август, ќе бидат објавени наградите и ќе бидат прикажани краткиот документарен филм „Е14“ (Велика Британија, 2020, 19 мин.) на Пејмен Зекават и долгометражниот документарец „Хелмут Њутн: Лошите и убавите“ (Германија, 2020, 89 мин.) на Геро фон Бом.
Филмот „Е14“ е студија за човечкото однесување во најгусто населената и прекумерно развиена станбена област во Велика Британија за време на пандемијата од коронавирусот. Камерата ѕирка преку прозорецот во првите две недели од изолацијата и го открива феноменот на празните станови.
Документарецот за легендарниот фотограф Хелмут Њутн е „портрет на портретираните“. Ѕвездите на неговите најпознати портрети и модни едиторијали – од Ана Винтур до Грејс Џонс, од Шарлот Ремплинг до Изабела Роселини – конечно го даваат своето видување за животот и делото на контроверзниот фотографски гениј.
Поради голем интерес на публиката на 26 август, во 20.30 часот, на платото пред Куршумли-ан, репризно ќе биде прикажана англиско-македонската документарна копродукција со наслов „Сава“ (Велика Британија, Македонија, 2021, 74 мин.). Гласот на реката Сава во филмот го дава светски познатата актерка Мира Фурлан, која за жал, почина за време на правењето на постпродукцијата на филмот. Режисер на филмот е Метју Сомервил, на сценариото работела Мира Фурлан, снимател е Дан МекКрум, а монтажата е на Горјан Атанасов.
Дванаесеттото издание на „МакеДокс“ е поддржано од Агенцијата за филм на Република Македонија, Град Скопје, Гете институт Скопје, Институт „Јунус Емре“, Амбасада на Украина во Република Македонија, Здружение на Украинци во Република Македонија во име на Лесја Украинка, Норвешка амбасада Белград, Норвешки филмски институт, Француски институт Скопје, Амбасада на Кралството Шпанија, УНИЦЕФ, СПОНА, Амбасада на Република Чешка и Чешки културен центар Софија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.