Фестивалот „Македокс“ има зад себе две генерации на „Докуникулци“, а годинава, решиле да ги преминат границите и да го обединат регионот преку соработка со млади креативци од Македонија, Албанија и Србија, соопштија денеска.
„МакеДокс“, во соработка со Академијата за филм и мултимедија „Маруби“ од Тирана, Албанија, и Филмскиот фестивал „Слободна зона“ од Белград, Србија, е во потрага по тазе Докуникулци на возраст од 15 до 18 години кои би сакале да бидат дел од годинашниот камп за креативен документарен филм „Докуникулци 2019“.
Како да се пријавиш?
Сними видео од себе (5 мин. макс.) и одговори на неколку од следниве прашања, користејќи англиски јазик:
1. Освен преку соништата, на кој друг начин бегаш од секојдневието?
2. Кога би можел да бидеш животно или растение, кое би бил/а и зошто?
3. Кое е твоето прво сеќавање?
4. Кога би сретнал/а магаре што знае да зборува, што прво би ти кажало и зошто?
5. Кој документарен филм ти оставил најголем впечаток и зошто?
6. Која е приказната што сакаш да ја раскажеш и зошто е различна од останатите?
7. Што би издвоил/а за себе како важно и откачено?
8. Како би се чувствувал/а и што би искреирал/а доколку излезеш од својата комфорна зона и немаш пристап до интернет седум дена?Видеото испрати ни го на dokunikulci@makedox.mk преку WeTransfer. Доколку си во можност, прикачи го видеото на VIMEO или YouTube и заштити го со лозинка, а нам испрати ни ги линкот и лозинката.
Важно: Повикот е отворен до 23 јуни 2019 година, а резултатите ќе бидат објавени до 25 јуни 2019 година. По објавата на резултатите, имате една недела да се спакувате, да го најдете својот валиден пасош и да обезбедите родителска, односно старателска, дозвола за учество доколку сте малолетни, велат од „Македокс“.
Филмскиот камп „Докуникулци“ ќе биде дел од Патувачкото кино* на „МакеДокс“ (5-12 јули т.е. 7 дена). За време на активностите во кампот, учесниците ќе добијат увид во знаењата и вештините од областа на документаристиката пренесени од членовите на креативниот тим на „МакеДокс“, професори од Академијата за филм и мултимедија „Маруби“ и пријатели на „МакеДокс“ од други земји кои се докажани доку-професионалци.
Учеството е бесплатно. Трошоците за сместување, превоз и храна се покриени, но имај на ум дека сместувањето, особено за време на Патувачкото кино*, не е во хотел со пет ѕвездички, туку автентично искуство со тимот на „МакеДокс“, понекогаш и под отворено небо со милион ѕвезди.
*Патувачкото кино е составен дел од „МакеДокс“ и се случува низ руралните средини во Македонија. Годинава, киното ќе патува низ селата во Македонија и Албанија околу Охридското езеро.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.