Театарот на Навигаторот Цветко и Кино Култура организираат трета серија мајсторски работилници водена од Иван Поповски – „Конфликт!“. „Мајсторски работилници за актери и режисери 2“ се организира веќе две години и е ретка можност младите режисери и студенти да работат и учат заедно со режисерот Иван Поповски.
Како што соопшти Кино Култура, на работилницата може да се пријават професионални, дипломирани режисери или студенти по театарска режија. Работилницата ќе се одвива на платформата „Зум“.
Пријавување на е-маилот на kinokultura2015@gmail.com со вашето име и презиме, година и класа на дипломирање или година и класа во која во моментов студирате – информираат од Кино Култура.
Иван Поповски е македонски режисер со руска „школа“, кој живее и работи во Москва повеќе од две децении. Роден на 2 мај 1969 во Скопје. Беше примен на театарска режија на Државниот институт за театарска уметност (ГИТИС) во 1988 година. Дипломираше во 1993 година, во класата на познатиот руски режисер Пјотр Наумович Фоменко.
Во третата година од студиите Поповски ја постави претставата „Авантура“ според драмата во стихови од Марина Цветаева, заедно со своите сокласници. Претставата се играше во ходник на ГИТИС. „Авантура“ ја имаше својата премиера во 1991 година и го доби признанието од московската критика „Врв на сезоната“, за најдобра претстава на годината во Москва за сезоната 1991/92 година. „Авантура“ беше еден од најзначајните настани кои доведоа до тоа класата на професорот Пјотр Фоменко да прерасне во театарот „Мастерскаја П. Н. Фоменко”. Започнувајќи со оваа претстава, трупата доби и меѓународно признание и започна активно да гостува ширум Европа и светот – посочуваат од Кино Култура.
Негови претстави во „Мастерскаја“ се: „Авантура“ од М. Цветаева (1991), „Балаганчик“ според А. Блок (Москва/Париз 1994), „Отровната туника“ од Н. Гумиљов (2002), „Носорог“ од Е. Јонеско (2006), „Алиса зад огледалото“ според Л. Керол (2010) и „Сон на летната ноќ“ од В. Шекспир (2015), „Моли Свини“ (2020).
Во поново време, Поповски го постави „Идиот“ од Ф. Достоевски во ЗКМ во Загреб, Хрватска (2012), повторно операта „Евгениј Онегин“ од П.И. Чајковски во СНГ Марибор, Љубљана, а потоа и „Мртви души“ од Н. В. Гогољ, во Драмата на истиот театар во Марибор.
Во земјава, тој досега ги има поставено претставите „Macedoine: Одисеја 2001“ (2001), – копродукција на Драмски театар Скопје, МНТ Скопје, Народен театар од Битола, фестивалите Охридско лето и МОТ. Со оваа претстава, премиерно одиграна на 12. 07. 2001 година, се отвори реставрираниот Антички театар во Охрид; „Дневникот на лудиот“ од Н.В. Гогољ (2001), независен проект на продукцијата на Бајруш Мјаку; „Мајсторот и Маргарита“ од М. Булгаков (2015) во МНТ Скопје.
За своите врвни уметнички достигнувања, Иван Поповски низ годините беше наградуван со највисоки признанија: наградата на Московската секција критичари за најдобра претстава на годината „Врв на сезоната“ (1992), наградата за најдобра претстава вон конкуренција на фестивалот „Контакт“ (1993) и гран-при на фестивалот BITEF во Белград (1997) за претставата „Авантура“, гран-при на фестивалот „Сплитско лето“ за претставата „Роберто Зуко“ (2002), „Наградата на градот Москва во областа на литературата и уметноста“ (2009) во категоријата „Музичка уметност“, за создавањето на трилогијата „П.С. Мечтаења“, „Апсинт“ и „Четири годишни времиња“ во Театарот на Камбурова, потоа наградата „Кристална Турандот“ (2009), наградата „Музичко срце на театарот“ (2010), наградата „Златен Витез“ (2008, 2010). Иван Поповски е лауреат на Националната театарска награда „Златна Маска“ во номинација на „најдобра претстава од голем формат“ за претставата „Сон на летната ноќ“ (2016) – се наведува во соопштението.
Работилницата е дел од програмата „Мајсторски работилници за актери и режисери 2“ организирана од Театар на навигаторот Цветко, и проект просторот Кино Култура.
Проектот е поддржан од Општина Центар, Град Скопје и Министерството за култура.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.