Последниот компакт диск на кој македонскиот пијанист Симон Трпчески заедно со Јаначек филхармонискиот оркестар од чешкиот град Острава и прославениот диригент Кристијан Мачелару од Романија, изведуваат програма со дела од Шостакович, е меѓу трите проекти номинирани во категоријата „разновидна програма“ на Меѓународните награди за класична музика – ИЦМА, соопшти „КултурОп прес“.
ЦД-то во мај годинава го издаде престижната британска етикета „Лин Рекордс“.
Во изјавата за Македонското радио по повод ова издание, Симон Трпчески тогаш појасни дека е реализирано на негова иницијатива за време на ковид-пандемијата, а изборот на делата говори за креативноста и оригиналноста на Шостакович.
Станува збор за еден производ од оваа пандемија што јас го иницирав за да бидам продуктивен кога веќе немав концерти. Заедно со „Лин Рекордс“, Јаначек филхармонискиот оркестар од Острава и романскиот диригент Кристијан Мачелару, кој е шеф-диригент на Националниот оркестар на Франција, како и првиот трубач на овој оркестар – Андреј Кавалински од Белорусија, на моја иницијатива успеавме да организираме снимање на двата пијано концерти на Дмитри Шостакович, како и на Второто трио за виолина, виолончело и пијано, со моите драги колеги од проектот МАКЕДОНИСИМО – Александар Краповски и Александар Сомов. Овој избор е еден опис на различните творечки периоди од животот на Шостакович, а кои сведочат за неговата креативност и оригиналност, рече тогаш Трпчески за „Македонско радио“.
Во три етапи, жирито ги соопшти номинираните во секоја од 16-те категории за влез во Салата на славните на Меѓународните награди за класична музика – ИЦМА за 2022 година.
Имињата на добитниците на наградените ќе бидат соопштени на 18 јануари, а признанијата на лауреатите ќе им бидат врачени на свеченоста во Луксембуршката филхармонија на 21 април, наредната година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.