Маестрален концерт одржа синоќа Влатко Стефановски со Мирослав Тадиќ во Античкиот театар во Охрид по повод роденденот на “Охридско лето”. Калајџиско, Јовано, Јованке, Македонско девојче, Касапско оро, Ајде дали знаеш дали паметиш Милице, Бог да ги бие Дебрани и многу други по кои Влатко ќе остане запаметен како одличен изведувач и уште безброј негови одлични аранжмани ја воодушевија публиката и создадоа уникатна афмосфера.

Самиот Влатко неколку пати повтори дека глетката од сцената е прекрасна. Античкиот театар беше исполнет до последното место.

Огромна е честа да се биде дел од одбележувањето 59 години од еден голем фестивал како што е „Охридско лето“ кој може да биде ментор и учител на многу други фестивали во регионот и во светот. Тоа што настапувам во Охрид е секогаш одново и одново и предизвик, и задоволство, и привилегија, рече Стефановски.

Музичката одисеја на Влатко Стефановски со Мирослав Тадиќ трае 22 години. Не музицираат често но секој нивни концерт е ексклузива за публиката.

Постои некоја резонанца над нас која е на несвесно ниво и музиката само ја пуштаме да тече, а ние сме тука само двајца работници кои и дозволуваат на таа музика да дојде од некаде, да помине низ нас  и да продолжи, додаде Стефановски.

Посакувајќи му уште многу родендени на Фестивалот „Охридско лето“, кој синоќа го прослави 59 роденден, Стефановски рече дека не можат многу Фестивали во земјава да се пофалат со ваква бројка и дека „Охридско лето може да им биде ментор на останатите и пример.

Пред крајот на концертот изрази поддршка за зачувување на непроценливото богатство на Охрид, порачувајќи дека се приклучува кон останатите кои се борат за зачувување на УНЕСКО статусот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.