На 20 ноември, со почеток во 18 часот и 30 минути во НУУБ „Гоце Делчев“ во Штип, ќе се одржи Средба со читатели, по повод новата книга „Маалски прикаски (1+2)“ на новинарот и писател Синиша Станковиќ, во издание на „Или-Или“ од Скопје.

По скопската промоција во полната сала на Младинскиот културен центар, авторот и неговите пријатели во октомври продолжија со средбите со читатели во Струмица, Кавадарци, Битола, Прилеп и Куманово, а на 19-ти ноември е закажана средба во Велес.

Во поканата испратена до медиумите стои „повелете на македонски музички евергрини и презентација на фотографии, на дружење и на муабет со новинарот Столе Наумов како домаќин и со авторот кој ќе ги потпишува купените примероци“.

Делови од книгата ќе читаат актерот Марјан Наумов и авторот, а за музиката „во живо“ се задолжени младите музичари од ДМУЦ „Сергеј Михајлов“.

Автори на фотографиите објавени во книгата се деветемина познати македонски фоторепортери: Ѓорѓи Личовски, Огнен Теофиловски, Роберт Атанасовски, Боро Грдановски, Томислав Георгиев, Наке Батев, Андреј Гиновски, Радован Вујовиќ и Маја Златевска.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.