Кинотека најавува возбудлива програма за октомври.

Има една стара изрека која тврди дека најмногу се лаже пред секс, за време на политичка кампања и по лов. А, како тoа изгледа кога во прашање се филмовите?, велат од Кинотека.

Американските продуценти, на пример, пред триесеттина години ловеа (и) политички поени со ЛОВОТ НА ЦРВЕНИОТ ОКТОМВРИ (The Hunt for Red October, 1990) на Џон МекТирнан (John McTiernan), со Шон Конери, Алек Болдвин и Скот Глен (Sean Connery, Alec Baldwin, Scott Glenn) во водечките ролји. Во овој одличен акциски трилер, првата ставка отпадна – сите јунаци беа мажи во две атомски подморници на некогашниот СССР, и една американска – втората „возеше“ на фонот на советската „Перестројка“ и прекројување на тогашниот биполарен свет на суперсилите, а по брканицата под водите на Атлантикот, Американците на крајот ја добија руската подморница со напредна технологија.

Ако, пак, тргнете во лов на добри филмови, како ние за октомвриската кинотечна програма, еве како ќе изгледа таа: во октомври почнуваме со ревијата на филмови од годинешниот Филмски фестивал на Североисточна Европа (Southeast European Film Festival – Paris-Berlin-Washington 2021) на Универзитетот за аудиовизуелни уметности EUROPA PRIMA од Скопје. Оваа ревија ќе ги презентира најдобрите филмски остварувања од годинешната селекција на програмата на Фестивалот на кинематографиите на Југоисточна Европа, Париз-Берлин-Вашингтон, 2021.

Една вечер во Кинотеката ќе биде посветена на кратките документарни и анимирани филмови продуцирани од „5+“ и ОХО, а потоа следува Фестивалот на филмови за деца „Џифони“.

Во октомври се потсетуваме и на неодамна починатата француска и европска актерска легенда Жан-Пол Белмондо (Jean-Paul Belmondo) со иконичниот наслов на францускиот „нов бран“ ДО ПОСЛЕДЕН ЗДИВ (À bout de souffle / Breathless) на Жан-Лик Годар (Jean-Luc Godard).

Jean Seberg and Jean-Paul Belmondo in Jean-Luc GodardÕs BREATHLESS (1960), this year celebrating its 50th anniversary.ÊPHOTO CREDIT: Rialto Pictures/StudioCanal

На 19 октомври (вторник) на програмата е еден редок бисер од филмските архиви. Станува збор за италијанскиот нем филм ИНФЕРНО (L’Inferno / Dante’s Inferno) од 1911, во траење од 71 мин., црно-бел, во режија на Франческо Бертолини, Адолфо Падован и Џузепе де Лигуро (Francesco Bertolini, Adolfo Padovan, Giuseppe de Liguoro). ИНФЕРНО се смета за прв долгометражен игран филм во светската кинематографија и е снимен според ПЕКОЛОТ (L’Inferno), првиот дел од епот „Божествената комедија“ (La Divina Commedia) на Данте Алигиери (Dante Alighieri), кој е фундамент на модерниот италијански јазик и на новоевропската книжевност и култура.

Филм по избор на ГЕТЕ ИНСТИТУТ овој месец ќе биде ЧЕТИРИ КРАЛЕВИ (4 Könige / 4 Kings) на режија на Тереза фон Елц (Theresa von Eltz).

На 27 октомври (среда), во 12:00 ч., како и секоја година, ќе го одбележиме СВЕТСКИОТ ДЕН НА АУДИОВИЗУЕЛНОТО НАСЛЕДСТВО. Крајот на октомвриската филмска програма е резервирана за новото издание на КИНЕНОВА – Интернационален филмски фестивал посветен на дебитантски филмови.

Во октомвриската програма ќе ве потсетиме и на два филма кои го привлекоа вниманието на филмската публика изминативе месеци: се работи за британскиот МИНАМАТА (Minamata) на Ендрју Левитас (Andrew Levitas) и австралискиот кино-хит ДОЛГА КРАТКА ПРИКАЗНА (Long Story Short)на Џош Лоусон (Josh Lawson).

 

Целосна програма ТУКА



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.