Годишната програма за култура за 2020 година е скандалозна! Програмата е насочена кон подмирување на ситни политички интереси, наместо за развој на културата! Јавноста секоја година одново и одново се шокира од одлуките на министерството за Култура кои проекти од културата или кои уметници и културни дејци се поддржани, обвини денеска Зоран Љутков од ВМРО-ДПМНЕ.

Според него, повторно без критериуми и преку параван на наклонети членови на комисии, доделени се скандалозни износи на средства на здруженија и на поединци кои се блиски на власта.

Со годишната програма за култура наместо културата се поддржува политиката, два аспекти кои немаат никаква допирна точка.

Така на пример книгата „Партискиот систем на Македонија“ од Ѓорѓи Спасов е поддржана со 90.000 денари. Да потсетиме Ѓорѓи Спасов е долгогодишен партиски функционер на СДСМ, пратеник и татко на Никола Спасов од агенцијата за мерење на јавното мислење Рејтинг која важи за блиска до власта.

Златко Ориѓански, именуван од Заев за директор на Македонскиот културно информативен Центар во Тирана добил вкупна поддршка од 330.000 денари за два проекти. Едниот е проектот “За кого“ во вредност од 80.000 денари, а вториот е заеднички со Бени Шаќири во износ од 250.000 денари. Двајцата кои пеат на митинзите на СДСМ ќе добијат поддршка од власта на СДСМ. Во годишната програма за Култура за 2020 поддршка од 90.000 денари доби и книгата „Долно Коњари низ слика и време“ на пратеникот и потпретседател на Собранието, Зеќир Рамчиловиќ.

Средства во износ од 90.000 денари доби и Нано Ружин, татко на советникот на Заев, Алекс Ружин, но и човекот кој што го кандидираше Зоран Заев за Нобелова награда. Работава изгледа на ти го- дај ми го. Ружин кандидира за нобелова награда, министерството за култура дава поддршка за неговата книга.

И советникот на Алаѓозовски, авторот на безидејната “Национална стратегија за развој на култура 2018-2022″ и на катастрофалниот ‘Предлог-Закон за остварување на јавниот интерес во културата” Златко Теодосиевски, е дел од поддржаните проекти изложбата на скулптури „Споеви“ и на инсталацијата „РЕ-изградени сеќавања“. И секако тука се неизбежните пулени на Алаѓозовски од НВО секторот, Контапункт, Локомотива, Факултет за работи што не се учат, Центар за современи уметности Прилеп, Прес ту егзит и др, кои редовно се финансираат со предимензионирани средства, како награда за гласните пофалби за погубните политики на СДСМ.

Актерот смета дека е поразително е што три години по ред Годишната програма за култура е носена по телефон по желби и потреби, истовремено лобирана од поранешни фолк пејачки и самопрогласени револуционери, убедени дека, газењето на културата во Македонија е натпревар во кој мораат да победат, а астрономските износи кои си ги намениле себе си, се нешто што им припаѓа.

На 12 април, културните работници, заедно со граѓаните на Македонија, ќе го казнат ваквиот мизерен однос кон македонската култура и ќе отворат нова страница за враќање на достоинството, како на македонската култура, така и на македонското достоинство воопшто. Тоа ќе биде денот кога сите чинители на културата во Македонија, без разлика на верската, националната и партиската припадност, ќе се сплотат за заеднички културни вредности кои не обединуваат, за доброто на нашата заедничка татковина.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.