Композиторот Љупчо Константинов е годинешен добитник на наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ што ја доделува Друштвото на филмски работници на Македонија. Наградата на Константинов свечено ќе му биде врачена на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, соопшти претседателот на ДФРМ, Игор Иванов – Изи на денешната прес-конференција.

40 –тото издание на ИФФК „Браќа Манаки“ ќе се одржи од 14 до 21 септември во Битола.

Оваа награда востановена во 2013 година е замислена како признаие за посебна контрибуција за македонскиот филм. Досегашни добитници на наградата се Кирил Ценевски, големата легенда на македонскиот филм, потоа Милчо Манчевски, по него Дарко Марковиќ, па Сајмон Пери, ДФРМ се одлучи таа година наградата да ја додели на познатиот британски продуцент, кој стои зад филмот „Пред дождот“, најголемиот успех на Македонијам било кога во целокупната наша историја. Минатата година наградата и’ беше доделена на Милица Стојанова. И оваа година беше исклучително тешко да се дојде до вистинското име на човекот кој ќе ја понесе оваа награда. Станува збор за една исклучителна појава во македонската кинематографија, човек кој со посебна боја ги обои филмовите како „Среќна нова ‘49“ и „Тетовирање“, тоа се филмови што македонската публика исклучително многу ги сакаше сите овие години, рече Иванов.

Константинов има соработувано со неверојатни имиња како Паоло Маџели,Томаж Пандур, Мустафа Надаревиќ, Пенелопе Круз, Роберто Чули, Озрен Прохиќ, како и Бранко Гапо, Димитрие Османли, Столе Попов, Антонио Митриќевски. Тој потпишува повеќе од 35 наслови на филмска музика.

Овој човек блескаше, имаше извонредна кариера и како секој голем уметник во еден миг го снема. Некако помалку слушавме за него. За да сега, на 76- годишна возраст да се врати на голема врата и сега постојано работи, главно во странство, во Италија, Хрватска, нешто и во Македонија и е повторно на големите театарски, телевизиски и филмски сцени“, рече Иванов .

Денеска новинарите и прусутните гости имаа можност прв пат да го видат и видео спотот изработен по повод значајниот јубилеј на фестивалот, чија авторка е режисерката Дина Дума, кинематографер е Наум Доксевски, со актерката Наташа Петровиќ и на кој работеше бројна екипа. Годинашното мото на „Браќа Манаки“ е „Кажи им на облаците“ /Tell the clouds.

На прес конференцијата се обрати и градоначалничката на Битола, Наташа Петровска, која истакна дека фестивалот „Браќа Манаки“ е значаен не само заради тоа што го збогатува културниот живот на Битола, туку и дава додадена вредност на препознатливост во меѓународни рамки.

Оваа година Општина Битола го поддржа фестивалот во делот на организација со 400 илјади денари, но и во делот на сместувачки капацитети за нашите гости во висина од околу 2 и пол милиони денари, што значи дека околу 3 милиони денари е финансиската поддршка на Општина Битола за годинашното издание на фестивалот „Браќа Манаки“. Она што сакам да го нагласам е тоа што оваа година, Општина Битола успеа да обезбеди средства од 8 милиони и 600 илјади денари од министерството за култура за ентериерно уредување на киното Манаки што било започнато во 2013 година, што заедно со проектот кино Култура успеавме да го организираме во прекуграничната соработка со Грција да имаме практично затварање на една функционална целина. И тоа е уште една вредност за фестивалските денови и настаните шти се случуваат на овој за нас значаен фесивал. Убедена дека и годините што доаѓаат општината ќе придонесува за да по овој фестивал, Битола остане препознатлива“, рече Петровска.

Директорката Теодосиевска, исто така информираше дека специјални гости на годинешното фестивалското издание во Битола ќе пристигнат и светски познатиот режисер Фатих Акин и кинеатограферот Рајнер Клаусман.

Акин е добитник на награди како „Златна мечка“ во Берлин (2004) и Златен глобус за најдобар филм од неанглиско говорно подрачје (2017). Неговите филмови се исклучително познати и омилени кај македонската публика.

Селекторите на фестивалските програми информираа за насловите кои годинава ќе има можност да ги види публиката во Битола.

Благоја Куновски – Доре, уметнички директор и селектор на главната програма, откри само четири наслови од годинешната конкуренција на филмови чии кинематографери ќе се борат престижните награди.

„Според традицијата, главната компетиција – Камера 300 и за јубилејното издание беше фокусирана на водечките фестивали. 12 – те филмови кои се во трката за Златната, Сребрената и Бронзената камера 300, беа избрани од три фестивали“. Седум од годинашниот Кански фестивал, три од Берлинскиот и два од фестивалот во Карлови Вари.

Ана Василевска, селекторка на изборот на македонските филмови соопшти дека од годинава на фестивалот „Браќа Манаки“ се воведува награда од публиката за најдобриот македонски филм.

А програмата „Макпоинт“ ќе понуди 14 најнови краткометражни, документарни и анимирани филмови, за кои годинава фестивалската публика првпат ќе биде искрен оценувач на творечката работа, актерската игра, камерата, музиката, односно ќе може да се изјасни за својот комплетен филмски фаворит.  Василевска додаде дека последниот филм на неодамна починатиот Стефан Сидовски – Сидо, „Последното кафе“ премиерно ќе биде прикажан во рамки на оваа фестивалска програма.

Гена Теодосиевска, која е и повеќегодишен селектор на Документарната програма претставуваќи го нејзиниот годинашен избор од 10 филмови рече дека светот е претворен во боиште на илузии и лажни вести, во парада на суети и разнишани вредности, прекршени ветувања и долги очекувања на невозможното.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.