Лиза Џерард, женската половина на австралиско-британското дуо „Дед кен денс“ и еден од најубавите вокали во современата музика, ќе одржи концерт во Скопје на 8 октомври со Филхармонија. Таа ќе настапи  заедно со бугарскиот женски хор „Мистери оф булгеријан воисис“ (The Mystery of the Bulgarian Voices), што ова музичко доживување ќе го направи уште поуникатно.

Младинскиот културен центар неодамна го најави гостувањето на славната Џерард, а денеска го објавува и датумот. Билетите се пуштени во продажба, од кои првите 300 билети се по цена од 1000 денари. Картите може да се набават на билетарница на МКЦ или онлајн.

Џерард е родена и живее во Австралија, каде што и ја започнува својата кариера пред речиси 40 години. Прилично експерименталната пост панк музичка сцена на крајот на 70-те во Мелбурн ја спојува со Brendan Perry, со кој во 1981 го создаваат уникатниот проект „Дед кен денс“ , кој опстојува и денес со неколку креативни прекини.

„Дед кен денс“ се неприкосновен и по многу нешта автентичен музички состав, кој обединува два вокали, кои со својата моќност и боја како да го сликаат почетокот или крајот на светот. Лиза Џерард и Брендан Пери својата инспирација изминатите декади ја црпат од племенското, окултното, световното, но и од земското, профаното постоење. Нивната музика може да ве потсетува на сѐ претходно доживеано и чуено, но и на ништо, да ви биде комплетно нова и свежа.

Во професионалната биографија на Џерард се впишани неколку соло проекти, како и музика за филм, на кои таа се потпишува и како авторка, но и како изведувачка. Така, за музиката за епскиот спектакл „Гладијатор“, таа и композиторот Ханц Зимер беа наградени со „Златен глобус“.

The Mystery Of The Bulgarian Voices се женски хор од Бугарија, кој опстојува од средината на минатиот век и го негува автентичниот бугарски мелос, зачинет со нереално, самовилско пеење. Светот за прв пат слушна за овој хор на крајот на 80-те години на минатиот век, кога хорот го издава својот истоимен албум “Le Mystère des Voix Bulgares”, кој се продава во огромен тираж и хорот ги освојува светските сцени со своето мистично акапела пеење. Нивниот втор албум “BooCheeMish”, се појавува по речиси две декади и на него тие соработуваат со Џерард, со која иако потекнуваат од различни култури, создаваат една природна бајколика симбиоза.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.