На 10-ти декември (понеделник) 2018, во Музејот на современа уметност во Скопје, со почеток во 14 часот, ќе се одржи Годишниот симпозиум на Здружението на ликовни критичари – AICA Македонија, насловен „Ликовната критика денес“.
Во рамки на програмата на симпозиумот се доделува наградата „Ладислав Баришиќ“ за најдобар истражувачки проект од областа на ликовната критика. Добитник на наградата за 2018 година е Славчо Димитров со истражувањето „Ан-архични тела: Естетското, корпореалниот материјализам, афектите и политичкото”.
Работната сесија на програмата вклучува излагања и дискусија на тема „Обиди за дефрагментација: проширување и интегрирано развивање на хибридната институционална рамка“ конципирана и модерирана од Владимир Jанчевски, историчар на уметност и куратор.
Концептот на истата се фокусира на прашањата: Дали повторно да се зборува за ликовната критика, за изменетата форма во која се јавува, или за нејзиното непостоење и причини во радикално изменетата ситуација? Или, можеби треба да се осврнеме на некои од позитивните примери и практики кои се иницирани, конципирани и реализирани во услови на отежнато или оневозможено дејствување кое потекнува од самата дисфукционалност на институциите на културата (во областа на визуелните уметности) и немањето на јасни културни политики во насока на дефинирање и одбрана на јавниот интерес.
Во рамки на оваа програма, во насока на заедничко претставување на неколку рецентни проекти и програми кои се значајни за поттикнувањето и развојот на девастираната институционална мрежа, со цел да се проговори за мотивите, идеите и проекциите во насока на поодлучна реинтеграција, свое излагање ќе имаат Ивана Васева, историчарка на уметност и кураторка, Слободанка Стевческа, уметница, Тихомир Топузовски, ликовен уметник и теоретичар и Бојан Иванов, историчар на уметност.
Настанот е во организација на Здружението на ликовни критичари AICA Македонија. Проектот е финансиски поддржан од Министерството за култура на Република Македонија, Град Скопје и семејството Баришиќ, со институционална поддршка од НУ Музеј на современа уметност – Скопје.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.