„Лето во кое те нема” е новиот роман на Петар Андоновски објавен во едицијата проза на издавачката куќа Или-Или.Дизајнот на корицата е на Вања Штркова. Набргу по добивањето на Европската награда за литература за неговиот трет роман „Страв од варвари”, од Андоновски со „Лето во кое те нема”, најавен како првиот квир роман во македонската книжевност, се очекува да ни приреди ново книжевно изненадување.
Во однос на универзалните книжевни текови, Андоновски со своите романи го носи големиот свет во македонскиот јазик, промислувајќи го естетски релевантно и актуелно. Она што од една страна е врзаност на авторот со поднебјето, од друга страна се претвора во сензитивна мембрана преку која продираат големите нешта во малата книжевност.
Андоновски зафаќа теми кои одамна (или никогаш) не се пишувани кај нас. Другоста, траумите, сексуалноста, престапите, осамите… како ореоли на луѓето од секојдневието.
Просторот на делата на Андоновски најчесто не е или само делумно е наш, неговите романи речиси секогаш се населуваат или се поврзуваат со далечното, неодреденото,.. со морето и синиот бескрај и во оваа негова карактеристика се препознава отскокнување од локалното, но само во поетолошко-филозофска смисла. На тој начин, најнашето станува најсветско или обратното – најсветското станува најнаше. Токму во овој спој на нештата е неговата вистинска вредност и посебност во домашната книжевност.
Петар Андоновски (1987, Куманово) е автор на: ,,Ментален простор” (поезија, 2008), ,,Очи со боја на чевли” (роман, 2013, три изданија), ,,Телото во кое треба да се живее” (роман, 2015, три изданија), ,,Страв од варвари” (роман, 2018, две изданија).
Добитник е на наградата Роман на годината на Утрински весник за романот ,,Телото во кое треба да се живее” и на Европската награда за литература за романот „Страв од варвари”.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.