Култниот режисер Егон Савин од Факултетот за драмски уметности во Белград ја затвора сезоната во Театарот комедија со претставата „Човек, Ѕвер, Доблест“ на Луиџи Пирандели: Савин по трет пат поставува во Македонија, и вели дека за него претставува голем предизвик да работи со квалитетни и докажани актери.

Во Македонија работев на неколку претстави, „Злосторство и казна“ на Достоевски, „Лага и паралага“ со театарот Стерија, стекнав многу пријатели и огромно задоволство ми е што повторно се враќам во Скопје, рече Савин.

Тој истакна дека нобеловецот Пирандели во својата фаза на пишување поминува низ неколку фази, од натурализам, преку експресионизам и футуризам до авангарда, но речиси во сите свои дела во фокус ја става “кризата“ на моралот. Неговите текстови кореспондираат и на денешните случувања во општеството.

Пирандели бил наречен критичар на универзалните општествени појави. Тоа се навистина универзални појави, кога зборуваме за лицемерието, лагите, сето она што го одредува живеењето на човекот, нема никаква разлика помеѓу Италија, особено Италија пред фашизмот, во периодот од 30-тите личи на нашето општество денес. Токму поради тоа сметам дека делото на Пирандели е толку совршено, што важи и за денешно време но и за далечната иднина.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.