Македонскиот композитор, гитарист и пејач со кадифен глас Крсте Роџевски, кој повеќе од 20 години живее и работи во Њујорк, ќе одржи ексклузивен концерт во рамките на годинешниот ОФФ-фест, на 3 јуни во МОБ.
Тој ќе настапи со некои од највозбудливите музичари од првата лига на њујоршката џез-авангарда: Мери Халворсон (гитара), Кирк Кнафке (труба), Томика Рид (чело), Мајкл Бланко (контрабас) и Тома Фуџивара (тапани), практично јадрото од екипата солисти со кои тој изминативе неколку години соработуваше при создавањето и снимањето на неговите композиции.
Ова ќе претставува македонска концертна премиера на музичкиот материјал на Роџевски од неговите три албуми: „Batania“ (2015), „Bitter Almonds“ (2017) и „The Rabbit And the Fallen Sycamore” (2018), што добија одлични рецензии и пофалби од светската музичка критика, а последниот беше избран за еден од најдобрите албуми во 2018 година според реномираните списанија „Даунбит“ (Downbeat) од САД и „Вајр“ (Wire) од Велика Британија.
Роџевски своите почетоци ги бележи во деведесеттите години во Битола, заедно со група музичари од која подоцна ќе произлезат Фолтин и Љубојна. Пошироката публика го познава по музиката од филмовите „Сенки“ и „Бикини Мун“ на Милчо Манчевски, „До Балчак“ на Столе Попов и „Војната заврши“ на Митко Панов, како и по соработката со Дуке Бојаџиев на неговиот албум “Love Is The Way”.
Крсте Роџевски е второто потврдено име на ОФФ-Фест 2019, покрај африканската дива Фатумата Дијавара, чиј настап е закажан за 5 јуни, исто во МОБ. Комплетната програма на 18-то издание на ОФФ-Фест, што ќе се одржи од 3 до 8 јуни во Скопје, ќе биде објавена во текот на следната недела.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.