Програмата на годинашното издаие на КРИК – фестивал за критичка култура продолжува утре со предавањето на Џули Реше професорка по филозофија и директорка на Институтот за психоанализа на Глобалниот центар за напредни студии.

Во предавањето насловено „Ширење на вирусот на љубовта и смртта“ ќе стане збор за колективната љубов и солидарноста кои најчесто се поврзуваат со живото-одржливото чувство на среќа, радост и исполнетост. Што ако таквото поврзување, е илузија која всушност им се заканува на колективната љубов и солидарност. Љубовта не ве прави среќни, таа бара вистинска грижа, напор, саможртва и способност да се споделат болката и страдањето на другите. Ве боли и уништува, ве приближува до смртта, наместо да ве прави поживи.

Предавањето ќе се одржи онлајн на Фејсбук страницата на КРИК со почеток во 20 часот и ќе биде проследено со разговор кој ќе го модерира Артан Садику.

Џули Реше е професорка по филозофија и директорка на Институтот за психоанализа на Глобалниот центар за напредни студии, каде држи онлајн семинари на теми како што се филозофија и психоанализа. Завршила психологија на Универзитетот во Оксфорд и докторирала на Институтот за филозофија на Словенечката академија на науките и уметностите, која е водечки центар за проучување на филозофски ориентирана психоанализа. Студирала под менторство на Аленка Жупанчиќ, клучен теоретичар на модерната психоанализа, која самата била под менторство на Ален Бадју и Славој Жижек. Реше е авторка на 2 книги и на над 100 академски и популарни текстови. Нејзината неодамнешна книга „Вовед во филозофијата: Пластичноста на секојдневниот живот“ беше бестселер во Русија и долго време на списокот на наградата „Александар Пјатигорски“.

КРИК – фестивал за критичка култура е платформа која ќе се застапува за афирмација на уметничките и културните практики, нивните критички капацитети и нивната применливост во анимирање и критичкото мобилизирање општествените процеси. Програмите на КРИК се креирани за да поттикнат во јавната сфера критичка дебата преку која би се промовирал социо-културниот капитал како јадро кое е длабоко поврзано со најрелевантните политички и општествени теми. КРИК има цел да застане во одбрана на правото на критичка култура, која постојано ќе ги поместува границите на еманципаторските политики во социо-културниот простор. КРИК е платформа низ која ќе се истражуваат и изучуваат можностите на проникнување помеѓу естетското и политичкото, помеѓу уметничките практики и нивното влијание врз пошироката демократизација на општеството, помеѓу граѓанските заедници и медиумските облици на борба.

КРИК – фестивал за критичка култура има цел да ги промовира уметничките и културните практики како општествено релевантни алатки кои ќе придонесат за еманципација и демократизација на социо-културниот контекст.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.