Во изложбениот салон на НУ Центар за култура „Ацо Шопов“-Штип, на 18.12.(вторник) бешеотворена изложбата на скулптури „Констелации во уметничкиот универзум“, од авторот Слободан Милошески.
-„ Во строго формална смисла, динамизмот кај скулптурата на Милошески е тројно акцентиран: прво, илузијата на поместено гравитационо тежиште ја генерира севкупната динамична творба; второ, самите елементи од кои е сочинета целината дополнително ја интензивираат самата динамика на целината: чиниш авторот прво ја конструира, ја повикува, т.е. тендира кон структурата, за да ја деконструира потоа низ потенцирањето на самите елементи од кои таа е соткаена; и трето, кај авторот не е важна само оваа морфологија, ами своја улога има и текстурата и бојата на формата, со што движењето станува целосно сугерирано од сите овие контрасти, што го чини комплетно естетското доживување. Но, конечно и можеби најважно, неговата скулптура има изразен динамизам во кој дури и гледачот е вклучен. Со тоа, естетитиката на овие дела станува комплетна затоа што станува и естетика на рецепцијата. Гледачот е повикан да учествува во тој динамизам, станувајќи просто вовлечен во растот со што овие, на прв поглед, рационални форми, сепак се доживуваат како длабоко човечки движења во потрага по спокојот. Иако геометриско-кубистички, делата на Милошоски сепак се човечки, премногу човечки.“ вели естетичарот Трајче Стојанов, во својата критика по повод оваа изложба.

Слободан Молошески, дипломира на Факултетот за физичка култура во Скопје во 2001 година. Во 2009 година дипломира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје на вајарски оддел, а магистрира на истиот факултет во 2011 година. Во 2018 година докторира на Национална уметничка академија во Софија, Р.Бугарија, на катедра „Скулптура“. До сега има реализирано 18 самостојни изложби , а учествувал на повеќе од 60 групни изложби во земјава и странство.
Добитник е на 13 награди и признанија, од кои најзначајни се наградата за скулптура „Јордан Грабул“ доделена од Друштво на ликовни уметници на Македонија во 2012 и 2014 година, како и наградата за скулптура мал формат „Димо Тодоровски“ исто така доделена од ДЛУМ во 2014год.
Во неговата биографија се забележливи реализираните скулптури во простор меѓу кои: Скулптура на Живо Чинко, Ристо Шишков, Спомен облежјето на Првото заседание на АСНОМ, Скулптура на Кузман Шапкарев, Јоаким Крчоски, Муза (наменета за фасада на објектот „Стар театар“) како и две скулптури наменети за фасадата на објектот на МНР.
Авторот Милошески е член на ДЛУМ од 2009 година, а во моментот работи како доцент на Ликовната академија во Штип.
Изложбата ќе биде отворена до 28 декември 2018 година.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.