Одборот за доделување на државната награда „22 Ноември” распишува конкурс за 2021 година. Со наградата им се оддава признание на луѓе од политичкиот, културниот и општествениот живот во Република Македонија кои придонеле во унапредување на меѓучовечкиот соживот и меѓусебно разбирање меѓу припадниците на различните заедници, култури и вери во државава.

Како што соопшти Министерството за култура, државната награда се доделува на поединци, група творци, екипи, установи, трговски друштва и здруженија на граѓани. Според условите утврдени во конкурсот, може да се додели и на странски државјани, група творци, екипи и иинституции од странство.

На наградениот поединец му се доделува диплома и паричен износ, а на секој член на наградена група творци или екипа им се доделува диплома и подеднаков дел од паричниот износ. На наградена установа, трговско друштво или здружение на граѓани им се доделува диплома и плакета.

Паричниот износ на државната награда „22 Ноември” изнесува пет просечни месечни плати во земјава, исплатени во последните три месеци на тековната година.

Државната награда „22 Ноември“ се доделува, по правило, секоја година, а во една година може да се доделат најмногу до две награди.

Иницијатива за доделување на државната награда „22 Ноември” може да поднесат: установи, трговски друштва, здруженија на граѓани и граѓани. Подносителите на иницијатива за доделување на државната награда треба подробно да ја образложат.

-Во текстот треба да се содржани и прецизни биографски податоци, точна адреса на живеење, податоци за остварените резултати во областа во којашто е постигнато остварувањето и други податоци што се смета дека ќе придонесат во оценувањето. Подносителот на иницијативата мора да го наведе своето целосно име и презиме, назив, фирма, адреса и телефон. Текстот на иницијативата (комплетиран) треба да се достави во 20 примероци, а трудови (книги, публикации и сл.) се третираат како прилози и треба да се достават во два примерока, информира Министетството за култура.

Конкурсот ќе трае од 13 август до 13 септември 2021 годинa. Иницијативите треба да се достават на адреса: Министерство за култура на Република Македонија – Одбор за доделување на државната награда „22 Ноември”, ул.„Ѓуро Ѓаковиќ” бр. 61 – Скопје.

Одборот нема да ги разгледува иницијативите и прилозите (трудови, книги, публикации и сл.) кои ќе бидат доставени по утврдениот рок за прием, како и некомплетните иницијативи.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.