Книгата „КОНЕСКИ КАКО ТЕСТАМЕНТ“, издавачката куќа „Матица македонска“ ја објавува во годината кога се навршуваат 100 години од раѓањето на Блаже Конески и 75 години од Филолошкиот факултет кој го носи неговото име, институцијата во која триесет години Весна Мојсова-Чепишевска ја остварува својата кариера како универзитетски професор по современата македонска литература и култура. Оваа нејзино најново дело е еден вид омаж за големиот татко на македонската научно-критичка мисла, но и за „патријархот на македонското писмо“ како што го нарекува познатиот грчки поет Костас Валетас.
Инспирацијата за самиот наслов доаѓа од сознанието дека настанала некој вид радикална промена во животниот стил на Конески во неговите последни денови, како и дека таа промена дошла до израз во неговото обраќање до македонската јавност на Рациновите средби во Велес на тема „Пишувањето на ‘мал’ јазик“.

Оваа книга, според авторката, е скромно, но искрено исчитување на еден дел од делото на Конески. Инаку критичко-есеистичкото дело „КОНЕСКИ КАКО ТЕСТАМЕНТ“ се развива низ две поглавја и тоа: КОНЕСКИ КАКО ПОТТИК и КОНЕСКИ КАКО ИНСПИРАЦИЈА.

На секој одреден или фиксиран текст му претходи и одреден архитекст. Во оваа смисла книгава се гради преку дијалогот со вредностите кои ме опкружуваат како автор, како книжевно-историски и книжевно-теориски истражувач. Тоа е најискрен дијалог на мојата индивидуална свест со колективната свест на ова мое време, колективната свест која како најмногу да се манифестира токму преку делото на Конески.“, вели авторката Весна Мојсова-Чепишевска.

Весна Мојсова-Чепишевска работи како универзитетски професот на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Од октомври 2019 е директорка на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Авторка е на околу 350 објавени трудови во домашни и странски книжевни списанија, како и на седум книги од областа на критиката и есеистиката.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.