На „Скопско лето“ вечер од 21.30 часот во Куршумли ан концерт ќе одржи етно-џез групата од Швајцарија Томе Илиев секстет, а утревечер од 20.30 часот во црквата „Рождество на Пресвета Богородица“ ќе настапи машкиот камерен хор „Св. Ефраим“ од Унгарија.

Во составот на секстетот на кларинетистот и композитор Томе Илиев се и Флоријан Вајс – тромбон, Франсис Лана – пијано, Валентин Баумгартнер – гитара, Горан Гешовски – бас и Адријан Бекли – тапани.

Томе Илиев (1985) е кавадарчанец кој работи како професор по кларинет во музичкото училиште „Хуг“ во Цирих, во циришката музичка компанија „Рорбас“ и како диригент на дувачкиот бенд во Мелинген, Аргау. – Илиев е еден од најуникатните кларинетисти на неговата генерација, свирејќи го активно секој музички жанр, од класика, џез, па сè до балканска, бразилска и афро-кубанска музика. Редовно настапува во Швајцарија, Германија, Франција, Австрија и во балканските земји со неговите главни бендови: Томе Илиев Квартет/Секстет, Нозез и како гостин со Екстрафиш, соопшти „Скопско лето“.

На летниот скопски фестивал, пак, утревечер гостува унгарскиот машки камерен хор „Св. Ефраим“ (Saint Ephraim) кој од 2002 година станал најпопуларна вокална група на Унгарија. Хорот е основан од Тамаш Бубно и е добитник на наградите „Унгарско наследство“ и „Бренд“ на Будимпешта. Досега има издадено 10 албуми, а за еден од нив (Bizantine Mosaics) ја доби наградата „Суперсоник“ во 2010 во Луксембург. Нивниот концерт во црквата „Рождество на Пресвета Богородица“ во Скопје вечер од 20.30 часот се организира во соработка со Амбасадата на Унгарија.

Вечерва на „Скопско лето“ ќе се прикаже унгарскиот филм „Кинцсем – обложи се на одмазда“ (KINCSEM) (2017) со почеток во 21 часот на Факултетот за ликовни уметности – Сули ан. Станува збор за историска авантура во траење од 121 минути, во режија на Габор Херенди, а улогите се на Ервин Наѓ, Андреа Петрик, Тибор Гашпар …

Фимот има добиено две награди на Унгарската филмска недела, номинација на Меѓународниот филмски фестивал во Кливленд.

В недела, 14.07.2019, ќе се одржи проекција на филмот „Кариран нинџа“ (TERNET NINJA) (2018), Данска, кој ќе биде синхронизиран на македонски, со почеток во 21 часот на Факултетот за ликовни уметности – Сули ан.

За сите филмски проекции билети може да се купат на влезот на Сули ан, пред самиот почеток на проекцијата по цена од 100 денари.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.