Вечерва во црквата св.Софија концерт ќе одржат Надја Неволович на виолина од Белгија и македонската пијанистка Калина Мрмевска. Концертот ќе се одржи со почеток од 21 часот.

Виолинистката Надја Неволович ја красат музичка интуиција, виртуозна техника и интерпретации со голем интегритет, квалитети кои  ѝ носат плодна кариера како солист и камерен музичар. Како и многу музички талентирани деца во Русија, таа започнува да учи виолина во специјалното музичко училиште при Конзерваториумот во Санкт Петерсбург. Откако се сели во Германија, студира во класата на познатиот педагог Захар Брон, а работи и со Ана Нечипроук-Брон, Томас Брандис, Исак Рашковски и Ливиу Прунару. Магистрира со највисоки почести на Кралскиот конзерваториум во Брисел во класата на Игор Ојстрах. Со диплома музичар-изведувач се стекнува на Универзитетот во Росток во класата на Петру Мунтеану. Особено влијание врз нејзиниот личен и уметнички развој има легендарниот виолинист Иври Гитлис.

Музичката критика ја оценува Калина Мрмевска како „пијанист со особена моќ“ и „уметник со јасна и жива музичка идеја“. Дебитира на само 9 годишна возраст и освојува први награди на националните натпревари за пијано. На 12 години дебитира со оркестарот на Македонската филхармонија, а на 18 години е македонски претставник на Евровизискиот натпревар за млади музичари. Победничка е на Меѓународниот натпревар „Роверо Д оро“ во Сан Бартоломео и освоила втора награда на натпреварот „Шуман-Јанг Чанг“. Мрмевска настапува и со рецитали и со оркестри во Европа и во САД во концертните сали во Хамбург, во салата на Филхармонијата во Варшава, Палатата „Дунав“ во Будимпешта, Културниот центар во Чикаго и др.

Како хуманитарец, Мрмевска е прв амбасадор на Првата детска амбасада „Меѓаши“ за што и е доделена наградата „13 Ноември“. Во 2006 година, Мрмевска се појавува во филмот „Сенки“ од Милчо Манчевски. Една од нејзините најважни уметнички мисии е промовирањето на македонското музичко творештво, за што говори и нејзиното идно ЦД кое ќе вклучува дела од современи македонски автори. Нејзините настапи се често пренесувани на ТВ и радио, меѓу останатото како пренос од престижните серии концерти кои го носат името на Мајра Хес во Чикаго.  Мрмевска е носител на ДААД стипендија во Германија и поддржана е финансиски од фондацијата О. Стотерау и Оскар и Вера Штифтунг.  Добитничка е на наградата „Џ. Бредли“ на универзитетот во Денвер, како и на наградата „Сталер“ на Универзитетот во Стоуни Брук каде што  се здобива со звање Доктор на пијано изведба под менторство на Гилберт Калиш.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.