Вечерва, (30.07.2019, вторник), во рамките на „Скопско лето“, ќе се одржи концерт на младинскиот камерен оркестар „Саша Николовски – Ѓумар“ на Музичка младина на Македонија, со почеток во 20:30 часот на Факултетот за ликовни уметности – Сули ан.
Влезот е слободен. Концертот е во соработка со Музичка младина на Македонија.
Диригент: Олег Кондратенко, солисти: Софија Никоска – виолина, Иван Трајановски – саксофон.
Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија постои повеќе од 30 години и е основан како прв сегмент на Летниот музички камп на МММ во Охрид 1986 година.Овој ансамбл е прв и единствен од ваков вид на просторите на југоисточна Европа. Тој е составен од студенти на Факултетот за музичка уметност во Скопје, односно со учество на над 290 млади музичари, но и гости и млади музичари од други земји. Со своето музицирање во сиот овој период се наметна на музичката јавност не само како неопходност, туку и како изведувачки состав со високо професионални квалитети. Диригенти и уметнички раководители на оркестарот биле:Ф.Муратовски,Г.Коруновски,С.Николовски – Ѓумар,В.Николовски – Ѓумар, М.Спасов, Б.Цанев, А.Ремерајт, Б.Чадловска, О.Кондратенко, Е.Перцан со постојана тендеција за промоција на млади диригенти и солисти.Оркестарот има реализирано повеќе од стотина концерти, добивајќи високо позитивни критики, но и национални награди и признанија.Покрај класичниот репертоар оркестарот има изведувано дела од современи, како и од македонски автори. Како признание за постигнатите резултати во 1995 година оркестарот беше поканет и одржа концерт во Будимпешта по повод 50 годишнината од основањето на Светската федерација на Музичка младина и приемот на Музичката младина на Македонија во оваа организација.Оркестарот има остварено повеќе телевизиски и радио снимки, како и сопствена ЦД продукција. Повеќе од 30 години завршниот концерт на Летната сесија на оркестарот е постојан дел на програмата на фестивалот „Охридско лето“, а во последните 10 години и на манифестациите „Скопско лето“ и „Битолско лето.“
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.