Музичката програма на „Охридско лето“ продолжува со вечерашниот концерт на барокниот оркестар „Teatro alla moda” од Холандија.

Концертот на барокниот квартет е од 21 часот во прекрасната акустика на катедралната црква „Света Софија“.

Земајќи го името од дискурсот на Бенедето Марчело (напишан во 1720), „Teatro alla moda” е ансамбл што ја негува историски автентичната интерпретација на барокната музика. Членовите на ансамблот доаѓаат од различни културни средини, но заедничкиот јазик го наоѓаат во Холандија за време на нивните студии на Кралскиот конзерваториум во Хаг. Комбинирајќи виртуозност и темелно „читање“ на делата од барокниот репертоар, овие музичари истражуваат материјали кои ги комбинираат различните барокни инструменти виолина, барокна флејта, обоа, виола да гамба и чембало и изведуваат дела од многу раниот барок па до раната класика. „Teatro alla moda”, редовно настапува во Холандија, а на интернационалната сцена настапуваат на фестивали во Исланд, Франција, Португалија и Македонија.

Лилија Славну, уметничката на барокна виолина, е родена во Москва. Започнува да учи виолина во нејзиниот роден град, а продолжува да се образува во Ерусалим и во Холандија каде студира со Елизабет Валфиш. Соработува со признати музичари. Свири во Амстердамскиот барокен оркестар на Тон Купман и е постојан член на Парискиот оркестар Le Cercle de l’Harmonie.

Аргентинецот Диего Надра, маестро на барокна обоа, своето музичко образование со започнува на флејта и обоа, а од 1995 специјализира барокна обоа. Настапува низ цела Европа, но и во Сирија,Русија, Израел, САД, Јапонија, Турција, Исланд, Бразил, Јужна Кореа и Аргентина.

Џошуа Четам студиите на виола да гамба ги завршува во Холандија откако претходно ги завршува студиите за контрабас на Универзитетот „Вандербилт“. Дипломира на Кралскиот конзерваториум во Хаг во 2003 година, а сега предава виола да гамба на Универзитетот во Утрехт. Настапува со различни ансамбли како Ансамбл „Пигмалион“, Хатор Консорт, „Вокс луминис“ и др.

Нашата уметничка Цветанка Созовска дипломира чембало во класата на проф. Борис Романов во родното Скопје по што специјализира чембало во Холандија, дипломира и магистрира на Кралскиот конзерваториум во Хаг. Како солист и камерен музичар на пијано и чембало, Созовска настапува низ цела Европа и во Јужна Кореја. Настапува на Фестивалот „Каза де Матеуш“ во Португалија, и настапува на турнеја во Франција со Барок Опера Амстердам. Цветанка Созовска живее и работи во Холандија, каде во периодот од 2006-2016 година беше корепетитор на одделот за рана музика на Конзерваториумот во Утрехт. Предава чембало во музичкото училиште во Утрехт.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.