Фестивалската програма на годинешното издание на „Охридско лето“ влегува во втората половина со концертот на албанската сопранистка Инва Мула, во пијано придружба на маестро Генц Тукиќи.

Инва Мула важи за една од најзначајните сопрани на денешницата. Родена во Тирана, започнува да учи пијано на петгодишна возраст, а пеење на 16 години, најпрво со нејзината мајка, а потоа и на Универзитетот за уметности во Тирана на кој и дипломира. Првата улога на сцената и е Виолета во операта „Травијата“ која и ѝ ги отвора вратите на операта во Тирана каде настапува во текот на следните пет години. За овој период, два пати победува на натпреварот „Тефта Ташко Кочо“, а во 1987 година е прогласена и за најдобар оперски пејач. Следат победите на натпреварот „Жорж Енеску“ во Романија, и Гран при „Мадам Батерфлај“ во Барселона во 1992.

Триумфира на првиот натпревар организиран од тенорот Пласидо Доминго во 1993 година, по што нејзината интернационална кариера ќе започне да се движи во нагорна линија со настапи во оперските куќи во Авињон, Лос Анџелес, Бон, Вашингтон, Лирската опера во Чикаго како и Метрополитен операта во Њујорк каде настапува во продукцијата на операта „Боеми“. Во 1997 година со голем успех настапува во „Риголето“ како Џилда заедно со Лео Нучи во операта во Марсеј, по што е поканета да настапи во истата улога на фестивалот во Арена ди Верона. По ентузијастичкиот прием на публиката, таа повеќе години се навраќа на овој престижен оперски фестивал изведувајќи ги улогите на Виолета, Џилда и Микаела во „Кармен“. Во 1998 година по фантастичната соработка со Рикардо Мути во Миланската „Скала“, Инва Мула е поканета да ја пее насловната улога во „Травијата“ за отворањето на новиот оперски театар во Милано, по што следат нови улоги во „Скала“. Со голем успех настапува низ Италија и тоа во Трст, Торино, Сиена, Рим, и во Фиренца каде настапува под палката на маестро Зубин Мехта.

За Инва Мула, улогата на Виолета во „Травијата“ претставува еден вид уметнички „потпис“, па така истата ја повторува во Виена, Лондон, Милано, Токио, Ница, Берлин, Париз, Мадрид итн. Нејзини сценски партнери се некои од најпознатите тенори на нашето време како: Роберто Алања, Хозе Кура, Пласидо Доминго, Виторио Григоло, а соработува со диригенти како Мишел Пласон, Жорж Претр, Хесус Лопез Кобос, Владимир Спиваков, Зубин Мехта, Мјунг Вун Чунг.

Значаен момент во нејзината кариера е инволвираноста во филмот „Петтиот елемент“ на Лук Бесон каде го позајмува гласот за Дивата „Сина Лагуна“. Овој проект и носи интернационална слава и надвор од кругот на строгите оперски фанови.

Во ноември 2012 Инва Мула ја режира прославата, и настапува на одбележувањето на Денот на независноста на Албанија. Како дел од свеченоста од страна на Претседателот на Албанија ѝ е доделена највисоката почест „Почест на нацијата“ за нејзините достигнувања во уметноста.

Кариерата на Инва Мула и денес продолжува со голем интензитет. Во изминатите сезони настапува во Виенската опера како Манон, таа е Неда во „Палјачи“ во Германската опера во Берлин, Сао Паоло и Билбао, Адина во „Љубовен напиток“ во Марсеј и Микаела во „Кармен“. Редовно е поканета да одржува семинари на академиите во Париз, во Гштад и Санкт Петербург.

Во 2015 година Инва Мула дебитира како режисер (а истовремено ја пее улогата на Неда) во продукцијата на „Палјачи“ на Тиранската опера. Големиот успех ќе и донесе нов ангажман во 2017 година кога во истиот театар ја режира операта „Ловци на бисери“.

За нејзините уметнички достигнувања, во 2006 година доделено и е највисокото признание од Француската влада „Витез на уметноста“

Албанско-францускиот пијанист и композитор Генц Тукиќи дипломира на Конзерваториумот во Тирана и на Школата за музика во Париз „Алфред Корто“ на која предава и денес. Интернационалната пијанистичка кариера го носи во некои од најпрестижните сали во светот, а настапува и со бројни оркестри. За неговата исклучителна музикалност како и „интерпретации кои се подеднаково интелигентни како и емотивни“ ја добива наградата „Нино Рота“. Остварува снимки со оркестарот на операта во Тирана, оркестрите на Македонската опера, Рускиот оркестар „Чајковски“, оркестрите на РТВ Албанија и РТВ Словенија. Редовно настапува со Инва Мула, а како композитор има напишано бројни дела за соло пијано, пијано и оркестар, како и неколку парафрази на оперски теми од Пучини, Верди и Офенбах. Во 2012 година го издава ЦД-то со авторски композиции инспирирано од патриотски песни за соло пијано и сопран заедно со Инва Мула со која ја компонира и оркестрира химната за Мајка Тереза.

Концертот ќе е одржи во црквата „Света Софија“ со почеток од 21 часот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.