По синоќешното свечено отворање и спектаклот што го донесоа уметниците од Националната опера и балет, музичката фестивалска програма на „Охридско лето“ продолжува вечерва со концертот на уметниците Маја Богдановиќ на виолончело и виолинистот Даниел Роланд.
Холандско-англискиот виолинист Даниел Роланд и српско-француската виолончелистка Маја Богдановиќ ги спојуваат своите неверојатни енергии во исклучително музичко партнерство. Од основањето на нивното дуо во 2018 година тие настапуваат на бројни фестивали во Европа, САД и Јужна Америка. Американскиот магазин „American Record Review“ пишува „Исклучително- неверојатно богатство, комплетно уживање“, додека пак дневниот холандски весник „Ханделсблад“ го опишува како „магична средба на виолончелото и виолината“.
Даниел Роланд се етаблира на интернационалната музичка сцена како разновиден, комуникативен и харизматичен изведувач со широк репертоар од барок до современа музика. Во изминатите концертни сезони настапува со оркестри од Тромсо на северот на Норвешка до оркестрите во Кејптаун, а соработува со водечки светски диригенти. Тој е посветен камерен музичар, неговите настапи му носат соработки со истакнати музичари. Дванаесет години Роланд беше водач на познатиот „Бродски“ квартет со кој настапуваше ширум светот и со кој остваруваше многу снимени изданија меѓу кои и познатиот циклус на дела од Шостакович. Даниел Роланд предава на Кралскиот колеџ за музика во Лондон.
Маја Богдановиќ се вбројува во најдобрите виолончелисти на денешницата. Концертно настапува со „Тонхале“ оркестарот во Цирих, со Филхармонијата во Токио, со Минхенскиот камерен оркестар, Белградската филхармонија, Берлинскиот симфониски оркестар и оркестарот на РТВ Словенија.
Нејзината соработка со легендарниот композитор Кшиштоф Пендерецки започнува во 2008 година со настапите со Белградската, а потоа и Словенечката филхармонија каде го изведува неговиот втор концерт за виолончело и оркестар под диригентската палка на самиот композитор, а подоцна заедно го снимаат истото дело за издавачката компанија „DUX”. Маја Богдановиќ е лауреат на повеќе меѓународни натпревари, а образованието го стекнува на конзерваториумот за музика во Париз на кој дипломира и магистрира во класата на Мишел Штраус.
Концертот на дуото е од 21 часот, на сцената во катедралната црква „Света Софија“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.