Овој четврток, во 20 часот, оркестарот на Филхармонија ќе го одржи концертот „100 метрономи“ кој ќе го води диригентот Габриел Бебешелеа, а како солист ќе настапи пијанистот Андреj Коробејников од Русија. На програмата се вториот став од Симфонијата бр. 101 „Часовник“ од Хајдн, Концертот за пијано и оркестар бр. 5 и Симфонијата бр.8 од Бетовен и Симфониска поема „100 метрономи“ од Лигети.
Унгарскиот композитор Герг Лигети, делото „100 метрономи“ го напишал во 1962 година. Изведувачи на делото се 100 метрономи, за кои Лигети напишал партитура и инструкции како треба да „свират“. Делото го изведуваат десет музичари кои имаат по 10 метрономи што ги местат на знак на диригентот, според инструкциите кои ги запишал Лигети. Композицијата звучи како вистинска ракета од какофонични звуци.

Андреј Коробејников ја започнал музичката кариера на возраст од осум години, кога во Баку се претставил со својот прв рецитал. Оттогаш до денес одржал бројни концерти ширум светот (Бразил, Канада, Кина, САД, Русија, Колумбија, Чешка, Данска, Германија, Латвија, ЈужнаАфрика, Турција, Австрија, Белгија, Монако итн.) пришто соработувал со познати диригенти, како што се: Јуриј Темирканов, Владимир Ашкенази, Иван Фишер, Око Каму, Питер Старк, Александар Рудин, Росен Гергов, Максим Шостакович итн. Иако често настапува како солист, тој свири и во камерни состави со музичари како Вадим Репин, Дмитриј Махтин, Алина Ибрагимова, Александар Књажев, Јоханес Мозер, Татјана Василева, Борис Березовски, Александар Палеј, Икујо Накамичи и други. Во своите настапи, Коробејников бил придружуван од повеќе оркестри. Критиката го нарекува атипичен уметник кој прави совршени рецитални програми во кои поезијата и литературата се спојуваат со музиката.

Маестро Габриел Бебешелеа е шеф-диригент на оркестарот на Филхармонија. Музичката репутација на Габриел Бебешелеа брзо почнала да расте по воодушевувањата од страна на критиката и на публиката за неговата исклучителна музикалност и ентузијазам со кои ги предводи оркестрите. На 30-годишна возраст, маестро Бебешелеа e етикетиран како еден од најталентираните диригенти во последната декада во Романија. Во 2015 година, Бебешелеа работи со едни од двајцата најценети диригенти во светот – Курт Мазур и Бернард Хаитинк. Во 2011 година, ќе му биде доделена стипендија за да стажира со престижниот „Концертгебау оркестар“ во Амстердам, каде што имал можност да работи со големи диригентски имиња, меѓу кои и со Марис Јансонс, Хаитинк, Херберт Бломштед, Кристоф фон Донани, Давид Зинман… Една од големите пасии на Бебешелеа е да работи со млади музички уметници. Од 2011 година, тој е главен диригент на Молдавскиот национален младински оркестар, а редовно работи и со Романскиот младински оркестар.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.