Композицијата „Zugzwang” за виолина, пијано, перкусии и електроника од македонската композиторка Дарија Андовска, беше селектирана од над 200 композиции од целиот свет за изведба во рамките на 29. Меѓународна трибина на композитори во Белград, Србија, соопшти Сојузот на композитори на Македонија.

Од преку двеста композиции пристигнати на конкурсот на Сојузот на композитори на Србија, во програмата се вклучени само 38 дела на автори од Србија, Македонија, Велика Британија, Германија, Унгарија, САД, Русија, Словачка, Хрватска, Јапонија и Белгија, во програма од 6 концерти, кој според селекторката проф. д-р Бранка Поповиќ, е исполнет со композиции кои застапуваат изразите различни естетски „гласови“ на најновото творештво во современата уметничка музика во Србија и светот.

Делото на македонската авторка Андовска, за потребите на фестивалот, е снимено во концертната сала Коларац во Белград од реномираниот ансамбл Метаморфозис, а понатаму емитувано на РТС Класик.

Дарија Андовска е една од најактивните и плодни композитори во Македонија, многукратно наградувана, двапати избрана за Виртуоз – најдобар композитор во Македонија, избрана меѓу шесте најактуелни млади композитори во Европа за проектот MusMA (Music Masters on Air), прогласена за Истакнат уметник на град Цирих, добитник на наградата “Панче Пешев” на СОКОМ за највисоки достигнувања во музичкото творештво, а нејзините дела се изведувани на реномирани фестивали и бројни концерти во Македонија, Бугарија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Белгија, Кина, Хрватска, Словенија, Швајцарија, Италија, Германија, Грузија, Грција, Франција, Англија, Јапонија, Ирска, Данска, Шведска, Норвешка, Украина, Азербејџан, Австрија, Албанија, Русија, Мексико, Малта, Канада, Полска, Романија, Ерменија, Турција, САД.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.