Последниот аплауз за Горан Стефановски (66), драмскиот писател кој почина на 27 ноември година во Кентербери, Велика Британија во Драмски театар траеше десетина минути. Дел од потесното семејството, актери, режисери, професори од Факултетот за драмски уметности, од Филолошкиот факултет, соработници, академици, членови на МАНУ, писатели дојдоа на комеморацијата која ја организираше Драмски театар Скопје по повод прераната смрт на еден од најзначајните македонски драмски писатели на денешницата.

Дел од соработниците на Стефановски ги споделија своите спомени за него, актерите од Драмски прочитаа познати реплики и извадоци од драмите на Стефановски.

Знаеше да не собере кај него дома и да ни ги чита текстовите. Но како и секој голем писател , ужасно читаше. После такви подолги читања, јас и Ненад (Стојановски, н.з.) рековме дека не сакаме повеќе да ни чита затоа што ќе ни ги расипе улогите. Си заминавме од кај него и отидовме и се напивме. Во ова ‘Диво месо’ има една сцена каде тешко доаѓаше до израз мојата актерска игра. За да бидам сигурен сакав да го прашам Унко. Накај полноќ отидов кај Унко, дома, да каже, ако е добро, да продлжам да играм. Тој и жена му во пижами. Јас изиграв, а Унко вика добро е. Сакам да напоменам дека овој македонски народ заборава многу работи, а оваа претстава има над 36 нагарди во тогапна Југославија. Тоа е голема бројка. Фала ти Горан – се присети Благоја Чоревски, кој го глумеше Стефан во култната драма на Стефановски „Диво месо“.

Драматургот Дејан Дуковски призна дека од неговиот учител Горан научил многу, не само за драматургијата, туку и за животот воопшто.

За да говорам за ликот и делото на Горан Стефановски треба да се говори долго. Кој имал вистински учител знае што значи тоа. Од мојот учител Горан научив многу, да не кажам сѐ. Не само за драматуршките работи, генерално и многу за животот. Многу млад имав среќа со него да го барам мојот пат, да бидам она што сум сега. Не е лесно да бидеш драмски писател, секаде, а посебно овде. Да го носиш тој идентитет. Мојот иденитетит како таков никогаш не бил во прашање. Со гордост секаде можев да кажам дека сум студент на Горан Стефановски, и тоа име како магичен збор отвораше многу врати. Да кажам дека потекнувам од драмската традиција која го има Горан тоа не е малку. Неговите зборови знаеја да ја вклучат сечија имагинација. Со ова знам дека ќе се сложат сите мои колеги, негови студенти, мене лично ќе ми фали школо за тоа, како сега натаму да стареам. Пред сѐ, ќе ми фали Горан како другар и духовен татко. И не само мене, знам. Ќе им фали на многу. Сите го сакаа Горан. Јас знам само дека секогаш ќе му ги препрочитувам зборовите и ќе го имам во моите мисли. Со можниот негов одговор на многу од омоите прашања. Што би рекол тој: ‘Нема едноставен одговор за квадратурата на кругот’. Нема да биде лесно да се пополни тоа што те нема Горане“ – рече Дуковски.

Во име на МАНУ од Стефановски се прости академик Георги Старделов. Тој говореше за силната катарактичка моќ која ја имаат драмите на Стефановски.

Горан го сметам за една од најзначајните, ако не и најзначајната појава во повоената македонска книжевност. Станува збор за писател од еден сосема поинаков ков отколку што беше во свеста кај нас поимот писател. Ако сега треба да го доредам тој поим во кој ќе се собере дарбата, смислата и акцијата на Горан Стефановски, тогаш тој збор морам да го позајмам од еден наслов на Албер Ками, ‘Побунет човек’. Таа поетика на Ками ја следеше Стефановски. Тој не ги создаваше драмите, тој ги откриваше драмите, слично како Конески, кој за ‘Тешкото’ вели дека не ја напишал, туку дека ја открил. Но, како и да е, јас сум длабоко уверен дека станува збор за феномен кој нема регионално значење, но има светско универзално значење и тоа е можеби најзначајната моментална фигура во нашата култура – рече академик Старделов за делата на Стефановски.

Светски познатиот режисер Паоло Маџели во осумдесетите години на минатиот век соработувал со Стефановски. Во Драмски тој ги поставил „Црна дупка“ и „Тетовирани души“. Во телефонското обраќање тој се потсети на времето поминато со него, потсетувајќи колку многу ќе му недостига физичкото отсуство на Стефановски.

Ужасно тешко е да се зборува за тебе. Нашата приказна е многу долга. Откако слушнав дека замина, милион пати во главата ми се вратија сликите од нашите средби со Влатко, со твојата мајка. Се сетив на нашите бескрајно долги разговори кои ги водивме во Драмски и она што таму го работевме. Се сетив на нашите писма кои си ги испраќавме кога ти беше во Лондон, за ноќните разговори. Се сетив, а верувам дека и ти се сеќаваш на онаа куќичка на Марина Чутирило во близина на Белград. Таму заедно со Влада Дивљан, Марина, ти и јас планиравме милион работи додека Влада свираше на гитара. Ете, и Влада си замина.

Се сретнавме во Скопје случајно јас и ти, во еден ресторан пред два и пол месеци. Таму беа Унковски и Синоличка Трпкова. Се зезавме. Имавме и некои реченици кои нема да ги повторам овде, пред сите, бидејќи сакам да останат дел од мојата интима. Тоа е наша приказна. Едно време си замина засекогаш, но за среќа, сеќавањата не бледнеат. Ти беше смисла на многу работи. Јас навистина исклучително многу те сакав. Ти беше еден од последните титани, не само на овие простори на поранешна Југославија, туку ти беше навистина голем европски писател. Ти беше повеќе од писател. Ти беше една подвижна човечка душа. Тие твои немирни очи не може да ме напуштат ни после смртта. Нема да ја заборавам никогаш таа твоја немирна насмевка, таа тажна, прекрасна насмевка. Јас со тебе живеев, верував и сонував една друга Македонија. Македонија за мене беше една зелена долина каде што се насликани најубавите ангели. Кога повторно дојдов во Македонија те чувствував на секое ќоше. Се обидов да те пронајдам. И те најдов. Се видовме случајно и многу ми е тажно, но и драго во исто време. Горане, што да ти кажам? Не е вистина дека ти веќе не си тука. Ти си тука присутен повеќе отколку порано. И сега што? Можеби овие денови ќе навратиш на една пијачка во Драмски, иако нашето бифе веќе го нема. Не сакам да бидам сентиментален, тоа е грозно. Се враќам на проба. Многу те сакам. Те сакам, те сакам, те сакам Горане – го заврши Маџели своето обраќање.

Театарскиот режисер Александар Поповски со многу емоции се прости од Стефановски. Со трепетлив глас Поповски го прочита своето збогување од неговиот чичко.

Не сакам ниту под еден услов да го прифатам фактот дека те нема. Летово седевме на тераса во твојата куќа во Охрид. Ти ми раскажуваше за тоа како е и кој е марифетот за долг живот кој ти го кажал Ристо Стефановски. А тоа е, да си намигнеш од сабајле во огледало. Морам да признаам дека иако знаев дека се мајтапиш, одвреме навреме се фаќам себеи си како си намигнувам. Се сеќавам, мал сум, можеби четврто одделение во „Кирил Пејчиновиќ“. Мајка ми ме носи да гледам претстава во Драмски театар, „Диво месо“. По претставата долго не можам да заспијам. Многу работи не разбирам, но чувстувам дека нешто длабоко ми привлекува во тој свет. Светот кој подоцна ќе стане мој свет. Театарот. Гледам дека постојат многу причини поради кои животот има смисла. Ти беше оној кој за мене го отклучи тој свет. Јас друг таков човек нема да имам како тебе. И сега? Како сега? Каде сега? Горан. Чичко мој, многу ми недостасуваш! Секогаш твој внучко! – се збогува Поповски.

Синоличка Трпкова, актерка и професорка на ФДУ со Стефановски најмногу соработувала на „Бушава азбук“, тв-серијата со која многу деца научија да читаат и да пишуваат.

Мил Горан, јас можеби не те познавав толку добро, но ја имав таа чест да работам со тебе и со Унко целава оваа година на втората ‘Бушава азбука’ која ти ја крсти ‘Бушав буквар’. Во првата играв, а со втората видов како се раѓаат на хартија твоите ликови, нивните состојби и емоции. Со Унко ќе ја продолжиме мисијата на описменувањето, што заедно ја почнавме. Не би ме изненадило ако се појавиш во епизодите за да ни кажеш дека си тука, со нас, и дека ќе го следиш секој наш чекор и збор. Мил Горан, ти благодарам за пораките и писмата, за муабетите и за љубовта во букварот што ја остави како аманет – рече Трпкова.

Академик Стефановски е автор на легендарните и популарни драми „Јане Задрогаз“, „Диво месо“, „Лет во место“, „Хај-Фај“, „Дупло дно“, „Тетовирани души“, „Црна дупка“, „Демонот од Дебар Маало“ и на најславната ТВ-серија во историјата на македонската продукција „Бушава азбука“. Неговата соработка со режисерот Слободан Унковски, од 1980-те па со децении натаму, создаде претстави кои беа во врвот на театарската уметност во регионот.

Роден во Битола на 27 април 1952, во театарско семејство, дипломец е на англиски јазик и книжевност на Филолошки факултет во Скопје, а магистрирал драматургија на театарската академија на Универзитетот во Белград. Од 1986 беше професор по драматургија на Факултетот за драмска уметност во Скопје. Член е на Македонскиот ПЕН центар. Член на Друштвото на писатели на Македонија (ДПМ) од 1979, а од 2004 е и член на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ). Добитник е на наградите „Стале Попов“, „11 Октомври“, „Стериина награда“, „Војдан Чернодрински“.

Горан беше автор и на текстови на неколку албуми на прочуената рок група „Леб и сол“, чиј фронтмен беше брат му, гитаристот Влатко Стефановски.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.