Љупка, или како што сите ја викавме Буба, имаше љубов за целиот свет. Секогаш посветена докрај, истражувачки насочена кон соработка со режисерот, колегите и сите реализатори на претставата. Буба го сакаше секој свој лик, секој свој колега, режисер, сценограф, костимограф, секому му се даваше целата, од секого примаше сѐ, секогаш во полза на претставата, за театарот на кој му беше бескрајно посветена, затоа и секој нов лик ѝ беше нова љубов. Не знаеше да ја скрие радоста од секоја нова претстава. Умееше специфично и на свој начин да биде добронанемрна и кон лошата претстава и кон лош одиграниот лик“, напиша театарската критичарка Лилјана Мазова, која ја прочита актерката Снежана Конеска – Руси на денешната комеморација во чест на Љупка Арсова Џундева (84) која ја организираше Македонскиот народен театар (МНТ).

Џундева или тивката дама на македонското актерство почина на 8 декември. Таа секогаш со гордост истакнуваше дека припаѓа на втората генерација актери на некогашната Висока театарска школа, а со тоа е дел од создавањето на поновата историја на театарската уметност во Македонија. Нејзиниот ентузијазам и копнеж по театарската сцена, но и нежниот и милозвучен карактер, безвременска убавина, романтична појава и жесток став во негувањето на звучниот мајчин јазик ја направиле миленичка на театарските режисери, но и на широката театарска, филмска и телевизиска публика. Во Македонскиот народен театар работеше во текот на целиот свој професионален живот од 1951 до 1990 година, кога замина во пензија. Нејзината последна улога на сцената на МНТ се случи во 2015 година, како Марина во претставата „Вујко Вања“ од Чехов во режија на Зоја Бузалковска.

Таа играше во првиот македонски филм „Фросина“, а се прослави со улогата во првата македонска комедија, култната „Мирно лето“ на Димитрие Османли, играше и во „Македонска крвава свадба“, како и во бројни театарски претстави, тв драми, монодрами и радиодрами.

Дамата или убавицата на театарот во Македонија, беше горд, достоинствен пример за тоа како се сака блискиот, подалечниот, професијата, театарот“, додаде Мазова.

Актерот Томе Витанов говореше за Џундева и за нејзината најдобра пријателка, Милица Стојанова и нивната посветеност кон професијата.

– Познавам две актерки кои беа вистински светици. Не само што секоја вечер играа во своите претстави, туку не пропуштаа да ги видат и претставите на колегите – домашни и странски, а често присустуваа и на проби во кои не играа. Зар не ви е докондисано од театар? Зар не и се наситивте на убавината? ги прашував. Не чекав да ми одговорат зашто знаев дека подобро од мене се упатени во вистината дека ако пробата и претставата не е љубов, не е можно да се исполни условот да се биде актер – рече Витанов.

Тој во својот говор на комеморацијата потсети на сите важни личности во Македонија кои починаа во рок од неколку дена.

– Како да се извишил над облаците на македонското небо авион преполн со блиски, добри, чудесни творци кои полетале некаде низ светот за да ја претстават културата на својата земја и одненадеж откажале сите мотори и воздухопловот се срушил. Не насоне, туку на јавем среде бел загаден ден. Уште не бевме вратени од вечното почивалиште на Мите Грозданов, кога не стаписа веста за смртта на неповторливиот македонски драматург Горан Стефановски. Почина доајенот на македонското скулторство Боро Митриќески. Починаа нашите прочуени историчари Блаже Ристевски и Иван Катарџиев. Почина големиот македонски режисер Љубиша Георгиевски. Се збогува од нас и актерката Љупка Џундева. Премногу е тоа Господи за оваа мала, но страдна земја. Повод за неколкудневна национална жалост – рече Витанов.

Џундева беше една од највредните актерки на која се потпираше голем дел од работата во театарот, а нејзините колеги ја сметаа за одговорна, сериозна, трудољубива, посветена, исполнителна, прецизна, срдечна, кооперативна и секогаш подготвена да ја прифати секоја актерска задача. Таа ја освојуваше публиката со својата светла озраченост, со сензуалниот глас и со прекрасната појава во целина. Припаѓа на генерацијата во која што работи со Вукан Диневски, Самоил Дуковски, Милица Стојанова, Кирчо Божинов, Ацо Јовановски, Дарко Дамевски, Драги Костовски.

За својот обемен актерски ангажман Љупка Џундева има добиено голем број на награди и признанија меѓу кои и наградата на Град Скопје „13 Ноември“ (1983), наградата за животно дело на МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп (2000), наградата „11 Октомври“ за животно дело (2000), награда за артистичко остварување доделено од Југословенската радио телевизија, Орден на трудот со златен венец и Орден на трудот со сребрен венец. Џундева е првиот лауреат на јубилејното 10-то издание на интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“ во Струмица, добитник на почесното признание на „Астерфест“ и Тивериополската филмска алијанса за посебен придонес во филмската и драмската уметност.

фото: МИА



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.