Драмски театар Скопје започна со проби за новата претстава „Птица со главата меѓу нозе“ чиј автор и режисер е Коле Ангеловски. Во претставата учествуваат актерите: Стефан Вујисиќ, Маја Вељковиќ Пановска, Благоја Чоревски, Ѓокица Лукаревски, Марија Кондовска, Анастас Ташевски, Калина Наумовска и Благица Димитровска. За сценографијата е одговорна Илина Ангеловска.
Премиерата на претставата е предвидена да се одржи во тек на ноември 2021 година.
Чудна комедија со среќен крај. Птицата е симбол на слобода. Може да лета каде сака. За неа не постојат граници, не постојат ограничувања. Но, ако главата и е меѓу нозе, таа ќе лета, ама ниско, вели режисерот Ангеловски.
Климент, млад доктор, кој бил на специјализација во странство, се запознава со една девојка, студентка по Славистика која го владее и македонскиот јазик. Девојката никогаш не била во Македонија па нејзината желба за посета на оваа земја ќе отвори нова приказна за неа и младиот Климент. Што се Климент ќе направи за да го придобие срцето на оваа девојка и како ќе ги реализира своите планови останува една мала загатка која ќе се одгатне на сцената на Драмски театар.
„Птица со главата меѓу нозе“, не е класична комедија, нема изневерени мажи и напуштени жени, нема брканици, смешни карактери, ова е приказна за она што ни се случува денес во Македонија, од пандемија, од социјала, од политика. Приказни за тоа како било, а како е денес. За тоа како луѓето се однесуваат во чудни и сериозни ситуации, а сето тоа погледано од еден позитивен и комичен агол, велат од Драмски театар.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.