На 10 ноември, во 20 часот е закажана премиерата на претставата „Птица со глава меѓу нозе“ во режија на Коле Ангеловски. Со оваа претстава за која Ангеловски го напиша текстот, тој слави 60 години активна уметничка кариера.
Премиерата на „Птица со глава меѓу нозе“ е посветена на актерката Сабина Ајрула Тозија, членка на ансамблот на Драмски театар, која почина во август годинава, на 75 години.
Ајрула беше најпрепознатлива по улогата на Фатиме, токму од претставата на Драмски „Солунски патрдии“, чиј режисер е Ангеловски.
На овој начин сакаме да и оддадме почест, бидејќи поради ситуацијата со пандемијата, немаше услови, рече директорката на Драмски театар Катерина Коцевска.
Директорката Коцевска рече дека многу е радосна што Ангеловски повторно режира во Драмски, по подолг период.
Коле се врати во неговото дома, по подолг период, во неговиот театар, каде што сите коишто сме почнувале, сме поминале низ неговите претстави. Тоа се единствените претстави кои траеле со години и со бројки, кои, за жал, никогаш нема да се повторат, рече Коцевска.
Режисерот Ангеловски вели дека „Птица со главата меѓу нозе“ не е класична комедија, нема изневерени мажи и напуштени жени, нема брканици, смешни карактери.
Тоа е една љубовна приказна, љубов кон девојка, кон татковина, но не ваква татковина, поделена на патриоти и предавници. Зборуваме за љубов кон професијата, една носталгична љубов кон професијата, како било, како е, и сето тоа драматуршки ставено во еден интересен заплет. Чудна комедија со среќен крај. Птицата е симбол на слобода. Може да лета каде сака, за неа не постојат граници, не постојат ограничувања, но, ако главата и е меѓу нозе, ќе лета, ама ниско, рече Ангеловски.
Бескрајна среќа, радост и благослов е да се работи со Ангеловски, вели актерката Марија Кондовска.
Квалитетот на живот станува подобар кога работите со Коле. Ова е страшно и ужасно време во кое живееме. Го преживееавме процесот на работа и се надеваме дека ќе имаме среќа и шанса вистински да ја играме претставата како што треба, рече Кондовска.
Во претставата играат: Стефан Вујисиќ, Маја Вељковиќ-Пановска, Благој Чоревски, Ѓокица Лукаревски, Марија Кондовска, Анастас Тановски, Калина Наумовска, Благица Димитровска и Симон Манасковски.
Сценографијата е на Илина Ангеловска, костимите на Раде Василев, а музиката на Кокан Димушевски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.