Годината 2021 е година во чест на Блаже Конески. Немав среќа да го знам него лично, но сите, што го познаваа него, ми зборуваат за неговата големина, човечност, добрина, тага, за неговата научна ширина, но и за тоа дека тој беше „постојан жител во куќата на поезијата“, пишува претседателот на МАНУ, Љупчо Коцарев.

Летото 2021 господово ќе биде по многу нешта значајно. Но, денес нема да проговорам за државата Македонија и нејзините шанси да преживее. Ќе пишувам за двајца македонци, за Блаже Конески и за Данче.

Оваа година ќе има различни настани, сите со една единствена цел: одбележување на стоте години од неговото раѓање. Нешто што треба сите да нѐ израдува. Меѓутоа, истовремено, нетранспарентно, без никакви траги, со цел да се сокрие намерата, подло, кукавички, се случува, заткулисно, нешто друго. Тоа, поврзано со Конески, ме потсети на неговите стихови:

„Ќе дојде време на лажни пророци
Што божем во мое име
Ќе ве збираат по плоштадите
Ќе креваат врева до небеси,
Ќе се бувтаат во градите.
Немојте да им верувате!
Тие мислат само на себеси.
Што дека прогласуваат
Дека ве спасуваат!…“

Последниот удар, во името на Конески, во годината во чест на Конески, што се подготвува да се направи на Филолошки факултет кој го носи името на Блаже Конески, се „реформите“ на факултетот со кои престануваат да постојат катедрите по македонскиот јазик и македонската книжевност. УКИМ, МАНУ и други институции се формирани заради македонскиот јазик и македонската книжевност.

Пораката што се праќа со укинувањето на двете македонски катедри и дома и надвор е јасна. Тоа ќе предизвика, а тоа го знаат подобро тие што се многу повеќе упатени од мене, лавина непопуларни реакции во светот по однос на македонистиката, што ќе резултира во гаснење на многу катедри/отсеци ширум светот каде што се учат македонскиот јазик и книжевност. Не верувам дека овие зборови ќе допрат до некого, но јас сакам да ги изречам. Се брише сѐ што носи македонско име, се урива македонистиката на Филолошкиот факултет. Темелникот на македонската државотворност. Жалосно.

Второто лице е Данче. Дипломиран електроинженер, заедно студиравме на УКИМ.
Нашата генерација полека ја троши седмата деценија од животот, но ете Данче пред две години се запиша на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и започна со нејзините студии по македонски јазик. За да покаже, со личен пример, дека помладите треба да учат македонски јазик. Данче е меѓу подобрите студенти, веќе заврши две години.

Парадоксално, може да се случи Данче да заврши факултет, но во моментот кога тоа ќе се случи, катедрата за македонски јазик на која се запиша кога ги почнуваше студиите веќе да не постои. Зар е можно тоа? Се чини, тоа е можно само во Македонија. Како ќе заврши ова лудило? Ќе дојде ли време за достоинство и спокој? – прашува претседател на МАНУ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.