Издавачката куќа „Готен“ во рамки на проектот „Читајќи го Балканот“ организира книжевен разговор со писателот од Кипар Мехмет Јашин.

Разговорот ќе се одржи вечерва ( 26 март) во книжарницата „Антолог“ (Димитрие Чупоски број 31, во близина на гимназијата „Јосип Броз Тито“), со почеток во 20 часот. Разговорот ќе го води Владимир Јанковски.
Мехмет Јашин во текот на март е гостин на резиденцијалната програма за писатели на издавачката куќа Готен, која е дел од проектот „Читајќи го Балканот“.
Мехмет Јашин е еден од необичните автори на современата литература од Кипар. Се смета дека неговите песни, романи и есеи се дел од литературата на Кипар и Грција заедно со литературата на Турција. Спецификата што ја внесува во поезијата на турски јазик се базира врз неговите хибридни литературни извори, комбинацијата на турските и на грчките култури на Медитеранот, како и во користењето на различни историски и географски елементи на турскиот јазик.
Мехмет Јашин има објавено 10 поетски книги, 3 романи, 3 збирки есеи и 3 антологии и книжевни студии за кипарската поезија. Неговите книги имаат одиграна важна улога во редефинирањето на книжевната традиција на Кипар и Турција. Тој исто така е познат како една од водечките фигури на поезијата на Кипар по 1974 година и на турската поезија по крајот на 80-тите години. Неговите дела се преведени на повеќе од 20 јазици и неговите книги се објавени во бројни европски земји. Како литературна личност која покрај поезијата, е позната по своите романи, есеи и книжевна критика, Јашин има одиграно трансформативна улога во книжевната и културната традиција на Кипар, Турција и Грција.
Проектот „Читајќи го Балканот“ се реализира со поддршка на програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија и на европската мрежа за превод и книги Традуки.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.