Владата на вчерашната владина седница донесе одлука од државниот буџет да се издвојат средства за ентериерно уредување на „Кино Манаки“ во Битола.
Објектот на киното „Балкан“ или киното на Браќата Манаки почна во 2013 година и се градеше според зачувани фотографии на киното „Балкан“ на браќата Манаки кое работело во 1923 до 1939 година на Широк Сокак.
Битолската публика го сака филмот, ќе има една дополнителна кино- понуда и ќе си има едно кино со редовен репертоар. Со ова се овековечи филмскиот град каков што е Битола со филмските фестивали, а ќе има и каде да се презентираат големите филмски остварувања.
Обновата на киното со автентичен изглед, предвидува покрај кино салата со сто и педесет седишта и најсовремена киноприкажувачка опрема, да биде изграден галериски простор и две музејски простории со содржини од творештвото на браќата Манаки.
Објектот се наоѓа во центарот на градот, точно на она место на кое некогаш се наоѓало првото кино на браќата Манаки во Битола. При изградбата беше потенцирано дека обновата на киното ќе се одвива во две фази. Во првата градежна сезона ќе се завршат две третини од самата изградба, а во втората фаза – финализација на проектот: внатрешниот дел на салата, која се планира да има 150 седишта и опрема.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.