По повод Светскиот ден на аудиовизуелното наследство, кој годинава се одбележува под мотото „Вашиот прозорец кон светот“, Кинотеката соопшти дека денеска ќе ги отвори своите работни простории и депоа за студентите, ученициите, колегите од сродните институции и секторот за заштита на културно наследство, како и за љубопитните граѓани.

Напладне денеска Кинотеката ќе промовира и ДВД-издание со пет дигитално реставрирани македонски играни филмови – „Три Ани“ на режисерот Бранко Бауер од 1959, „Жед“ на Димитрие Османли од 1971, „Македонски дел од пеколот“ на Ватрослав Мимица од 1971, „Татко (Колнати сме, Ирина)“ на Коле Ангеловски од 1973 и „Хај-фај“ во режија на Владимир Блажевски од 1987 година.

За разлика од претходните ДВД-изданија на дигитално реставрираните филмови од целокупниот опус на авторите (браќата Манаки, Арсени Јовков, Љубиша Георгиевски, Бранко Гапо, Столе Попов, Милчо Манчевски, Кирил Ценевски), изборот на овие филмови кои се дигитално реставрирани е резултат на меѓународната соработка на Кинотеката со други филмски архиви од некогашна Југославија.

Одбележувањето на Светскиот ден на аудиовизуелното наследство ќе продолжи вечер во 19 часот во киносалата на Кинотека каде што ќе бидат прикажани филмовите „Исчезнувањето на Сузана Арсова“ на режисерот Борис Дамовски (1992), „Првата светска војна, Сеќавања (WW1 Remembering)“ – посветен на македонскиот фронт и на жртвите од Првата светска војна. сниман во Македонија, Србија и Швајцарија, „Фотографија 20-20“ на Роберт Јанкуловски и „Македонски дел од пеколот“ на Ватрослав Мимица.

Светскиот ден на аудиовизуелното наследство се одбележува на иницијатива на УНЕСКО и е прифатено од меѓународните тела што обединуваат организации и асоцијации на филмски архиви, музеи и институции што се занимаваат со заштита и чување на аудиовизуленото наследство, предводени од Координативниот совет на здруженијата на аудиовизуелни архиви (CCAAA – Coordinating Council of Audiovisual Archives Associations).

Настанот во киносалата на Кинотеката ќе се реализира според здравствените протоколи.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.