Припадниците на повозрасните генерации веројатно многу добро се сеќаваат на рок-баладата „Има некоја тајна врска“ („Ima neka tajna veza“) на „Бијело дугме“ („Bijelo dugme“). Секоја чест на Горан Бреговиќ и неговите тогашни соработници од бендот, но дали се сеќавате дека автор на текстот за оваа песна – и уште неколку други култни песни, претежно балади, по кои беше препознатливо „Бијело дугме“ – е сараевскиот поет од „класична“ провениенција Душко Трифуновиќ (1933 – 2006)?
Трифуновиќ не ги пишувал неговите песни- меѓу останатите и „Што би дал да си на моето место“ („Šta bi dao da si na mom mjestu“), „Се согласив да бидам сè што сакаат“ („Pristao sam biću sve što hoće“) – наменски за „Бијело дугме“ и неколку други популарни групи и пејачи, дури и за „Главо луда“ на Здраво Чолиќ! Обратно, рокерите и поп-пејачите виделе некоја нова димензија во неговите песни. Оригиналниот наслов на „Има некоја тајна врска“, на пример, е „Странец“ („Stranac“), а Трифуновиќ ја напишал инспириран од новинска репортажа за еден чувар во затвор и за неговите размислувања за човечките судбини. Настрана, пак, од приказната за настанокот на некоја песна – како и секое друго уметничко дело – е нејзината перцепција во јавноста. Трифуновиќ секогаш истакнувал дека за него останала мистерија – или, подобро речено, магија – како неговите песни, пропуштени низ акордите на Бреговиќ и „Бијело дугме“, станувале своевидни популарни химни, пеени како во еден глас и од осумдесет илјади грла на концерти.
Кога сме кај „Бијело дугме“, во овој текст не може, а да не се нотира дека овој бенд, единствен на ексјугословенската поп-рок сцена, имаше песна на албански јазик, „Косовска“, во 1983 година. Тоа е мошне трауматичен период од самиот почеток на дизинтегрирање на СФРЈ по смртта на Јосип Броз-Тито (1892 – 1980) и првите демонстрации (1981) за редефинирање на Косово (тогаш автономна покраина во Србија) како самостоен државен ентитет. „Косовска“ во тој период за некои беше провокација, а за други суптилна „државна пропаганда“ за омекнување на тензиите на Косово. И затоа публиката низ цела Југославија веројатно за првпат запеа на албански јазик – барем рефренот на песната со заразен ритам: „… Shkojme se bashku— nje dy tre/Roka mandolinen bjeri bjeri bjeri ciftelies/Te gjithe doo t’kendojme/Kenga le t’jehoje/Cdo gje mund te jete Roken-roll!“. („Одиме заедно – еден, два, три/ Зграпчив мандолина, свири, свири, свири чивтелија/ Сите ќе запееме/ Песната нека ечи/ Сè може да е рокенрол“).
Според сеќавањето на тогашниот пејач на бендот, Жељко Бебек, во едно минатогодишно интервју, текстот за „Косовска“ го напишале актерските првенци на Албанскиот театар во Скопје. Инаку, дискографски факт е дека таа песна е дел од седмиот албум на „Бијело дугме“, „Приспивна за Радмила М.“ („Uspavanka za Radmilu M.“), кој е сниман во студиото М2 на тогашната Радиотелевизија Скопје. Автори на „Косовска“ се Горан Бреговиќ, Зија Бериша, Агрон Бериша и Шпенд Ахмети.
Зошто сиве овие редови во текст кој се занимава со современата косовска кинематографија? Кога денес ги гледаме новите косовски филмови, ја гледаме ли сите истата димензија која авторите сакале да ја визуелизираат во нивните филмови? Која е таа „тајна врска“, како во песната на „Бијело дугме“–„Има некоја тајна врска/ за сите луѓе закон крут/ со неа човек се врзува себеси/ кога си го бира својот пат…“ („Ima neka tajna veza/Za sve ljude zakon krut/Njome covjek sebe veže/Kada bira sebi put…“) – која од обична приказна, можеби прочитана токму во весниците, ја (пре)создава таа посакувана димензија на популарната култура во која сигурно спаѓа и филмот? Каква е перцепцијата во јавноста за новите косовски филмови? Има ли некоја „тајна врска“ меѓу македонската и косовската кинематографија?
И двете кинематографии, повеќе или помалку, во втората половина на минатиот век биле своевиден „подкаст“ на големата југословенска кинематографија, од која порано или подоцна се осамостојувале. Кога денес пребарувате по филмографијата на еден Петре Прличко, на пример, не можете да ги пропуштите филмовите што тој ги снимал со Живорад Жика Митровиќ на Косово, КАПЕТАН ЛЕШИ (1960) и и ПРЕСМЕТКА (1962), во кои значајни улоги имаат и Дарко Дамевски и Димитар Ќостаров. Во вториов наслов речиси половина од креативните позиции во продукцијата ги заземаат македонски филмаџии како актерите Илија Милчин, Панче Камшик, Вукан Диневски, кинематограферот Љубе Петковски, сценографите Диме Шумка и Никола Лазаревски, организаторите Ацо Петровски и Ристо Теофиловски…
Од друга страна, пак, легендарниот Беким Фехмиу (Bekim Fehmiu) првата главна улога ја оствари во македонскиот игран филм ПОД ИСТО НЕБО (1964) во режија на неодамна починатиот Љубиша Георгиевски и Миомир Мики Стаменковиќ, а актерскиот првенец на косовскиот филм, Абдурахман Шаља (Abdurrahman Shala), ја одигра неговата последна улога во амблематскиот ПРЕД ДОЖДОТ на Милчо Манчевски, и тоа само неколку недели пред смртта.
Би се рекло дека е сосем нормална испреплетеноста на кинематографиите на две соседски земји, иако на различен јазик. Како што денес речиси и да не постои филм којшто не е продуциран од две-три земји. Од друга страна, пак, тие интернационални релации во кинематографиите како да добиваат по малку трагикомични димензии кога станува збор токму за соседски земји. Според принципот „блиски, а непознати“, во домашните киносали најмалку гледаме филмови од Албанија, Косово, Србија, Бугарија и Грција. Да не се неколкуте фестивали и повремените тематски недели на некоја од овие кинематографии, не би знаеле што се случува кај првите комшии.
Сепак, Неделата на косовскиот филм во Кинотеката на Македонија ги дестилира токму овие предности и маани. Кога ќе се погледне листата на филмови, таа, повторно, не може и без интернационалната и без македонската врска. ТАТКО (Babai / Father) на Висар Морина (Visar Morina) е германско-косовско-македонско-француска копродукција (македонски копродуцент е Томи Салковски). Во ХЕРОЈОТ (Heroi / The Hero) на Луан Криезиу (Luan Kryeziu) поголемиот дел од екипата што стои зад камерата и звукот е составена од македонски филмски професионалци. Тие се на креативните позиции и во екипите на ТРИ ПРОЗОРЦИ И ЕДНО БЕСЕЊЕ (Tri dritare dhe nje varje / Three Windows And A Hanging) на Иса Ќосја (Isa Qosja) и ДОМЕ СЛАТКИ ДОМЕ (Shtëpi e ëmbla shtëpi / Home sweet home) на Фатон Бајрактари (Faton Bajraktari), а ДОМЕ СЛАТКИ ДОМЕ е косовско-македонска копродукција.
Лузните од војната на Косово 1999 година, социјалните проблеми, емиграцијата и судирот на генерациите се главните теми во филмовите од Неделата на косовскиот филм. Како што забележува Гани Мехметај – сценарист, професот на Факултетот за медиумски уметности во Приштина и актуелен директор на Косовофилм (Kosovafilm) – во текстот за косовската кинематографија којшто ќе биде поместен во наредниотброј на Кинопис, оваа кинематографија во последнава деценија се карактеризира со видливо отворање кон меѓународните копродукции, учеството на интернационални фестивали и интенцијата да комуницира со странскиот гледач.
Оттаму е и инкорпорираноста на темите во косовските филмови со оние во европски продукции. Германско-албанска копродукција како АЛБАНЕЦОТ (Der Albaner/The Albanian, 2010) на Јоханес Набер (Johannes Naber) ја третира економската емиграција и судирот на модерното со конзервативната средина слично како и ТАТКО, НЕПОЖЕЛНИ и ЕХО. Во таа гама на теми можеме да го приклучиме и исклучителниот ЗАКОЛНАТА ДЕВИЦА (Vergine giurata/Sworn Virgin, 2015) на Лаура Биспури (Laura Bispuri), албанско-италијанска копродукција.
Кај потресната драма ТРИ ПРОЗОРЦИ И ЕДНО БЕСЕЊЕ за силуваните Албанки на Косово – кои и во слободата се под нов моралистички терор од најблиските – слободно можеме да повлечеме извесна паралела и со ОСЛОБОДУВАЊЕ НА СКОПЈЕ (2016) на Данило и Раде Данило Шербеџија (македонско-хрватско-финска копродукција). Иако се работи за два сосем различни историски контексти, родовата и политичко-идеолошката пизма кон централниот женски лик Лица (Луција Шербеџија) во ОСЛОБОДУВАЊЕ НА СКОПЈЕ е слична. Без разлика што во вториот случај се работи за „доброволно“ проституирање заради гол опстанок во воени услови, и двата комплекса произлегуваат од мачистичкото присвојување на заслугите од воените победи, а на жената ѝ припаѓа вообичаената улога на колатерална жртва во таа идеализирана слика на колективното херојство.
Време е за некои нови херои, како што своевремено пееше Дејвид Боуви (David Bowie), „Можеме да бидеме херои барем на еден ден“ („We can be heroes just for one day“). Оваа песна е напишана од Боуви и Брајан Ино (Brian Eno), „таткото на електро-звукот“, во 1977 година и снимена е во познатото студио Ханза (Hansa Studio by the Wall) во западниот дел од тогаш поделениот Берлин, сместено веднаш до ѕидот (па оттаму и името). Поточно, таа и други песни од трите албуми на Боуви од „берлинската фаза“ кон крајот на 1970-тите се снимени во познатата сала „Мајстерсал“ („Meistersaal“) на ова студио. Салата, пак, последнава деценија ја користеше престижниот филмски фестивал Берлинале за промоција на филмови, автори и национални кинематографии.
Тоа е таа поубава страна на сеќавањата…, пишува филмскиот критичар Стојан Синадинов.
НЕДЕЛА НА КОСОВСКИ ФИЛМ
19 ДЕКЕМВРИ (СРЕДА), 20:00 ч.
ТАТКО
(Babai / Father)
Игран филм, Косово
2015 г., 104 мин., колор, ДСП
Режија: Висар Морина (Visar Morina)
Сценарио: Висар Морина (Visar Morina)
Улоги: Вал Малоку, Астрит Кабаши, Адриана Матоши (Val Maloku, Astrit Kabashi, Adriana Matoshi)
Десетгодишниот Нори и неговиот татко Г’зим талкаат по косовските улици и продаваат цигари, обидувајќи се да заработат за гол живот. Живеат во постојан страв од главата на нивното патријахално семејство, од кое мајката на Нори побегнала и го оставила малечкиот на милост и немилост на постарите. По паѓањето на Берлинскиот ѕид Г’зим ќе избега во Германија, оставајќи го синот зад себе. Нори е повреден и се наоѓа во болница.
Сепак, малиот Нори ќе заздрави и со украдени пари ќе тргне во потрага по својот татко. ТАТКО е истовремено потресна и сурово реална приказна за односот татко-син. Филмот е добитник на повеќе награди на филмските фестивали во Карлови Вари, Минхен, Баден-Баден, итн.
НЕДЕЛА НА КОСОВСКИ ФИЛМ
20 ДЕКЕМВРИ (ЧЕТВРТОК), 20:00 ч.
ХЕРОЈОТ
(Heroi / The Hero)
Игран филм, Косово
2014 г., 106 мин., колор, ДСП
Режија: Луан Криезиу (Luan Kryeziu)
Сценарио: Луан Криезиу (Luan Kryeziu)
Улоги: Арбен Бајрактарај, Адриана Морина, Чун Лајчи, Салахудин Билал, Енвер Петровци, Џеми Ага (Arben Bajraktaraj, Adriana Morina, Çun Lajçi, Salahudin Bilal, Enver Petrovci, Xhemi Aga)
За време на косовската војна, едно село е опкружено со непријателски војници. „Херојот“, со помош на двајца постари војници, му го одвлекува вниманието на непријателот, доволно долго за селаните да побегнат и да се спасат. Војната завршува, но овој херој не може да воспостави врска со средината и новонастанатите општествени и политичко-економски промени. Љубовта, искреноста, чесноста, семејството – односот кон овие некогаш вреднувани поими се менува од корен. Други луѓе, без заслуги во војната, сега решаваат за судбината на херојот и за правецот во кој новото повоено општество се движи. Филмот ХЕРОЈ го следи бавното пропаѓање на вистинскиот „херој“.
НЕДЕЛА НА КОСОВСКИ ФИЛМ
21 ДЕКЕМВРИ (ПЕТОК), 20:00 ч.
ТРИ ПРОЗОРИ И ЕДНО БЕСЕЊЕ
(Tri dritare dhe nje varje / Three Windows And A Hanging)
Игран филм, Косово
2014 г., 94 мин., колор, ДСП
Режија: Иса Ќосја (Isa Qosja)
Сценарио: Зумбер Келменди (Zymber Kelmendi)
Улоги: Ирена Цахани, Луан Јаха, Донат Ќосја (Irena Cahani , Luan Jaha, Donat Qosja)
Во едно традицинално косовско село, по војната кога луѓето одново ги градат своите животи, учителката Луше во свое интервју дадено за странски новинар открива дека таа и три други жени од селото биле силувани од српските војници.
Кога мажите во селото ќе дознаат дека Луше е таа што разговарала со новинарот, ќе се свртат против неа и нејзиниот син. Се прашуваат и кои се другите три силувани жени. Секој се сомнева во сопствената сопруга. Сета таа непријатна ситуација е диригирана и од селскиот старешина, кој ги тера мажите да покажат сила, а не разбирање за жените во селото.
Сопругот на Луше, Илир, кој долго време бил воен заробеник, најпосле се враќа во селото. Неговите соселани веднаш од него бараат тој да заземе страна, да ја осуди сопствената сопруга, да ја напушти. Дали напатениот Илир ќе биде гласот на разумот во селото или и тој ќе попушти пред здруженото осудување типично за родово поделената средина?
НЕДЕЛА НА КОСОВСКИ ФИЛМ
22 ДЕКЕМВРИ (САБОТА), 20:00 ч.
НЕПОЖЕЛНИ
(T’padashtun / Unwanted)
Игран филм, Косово
2017 г., 85 мин., колор, ДСП
Режија: Едон Ризваноли (Edon Rizvanolli)
Сценарио: Едон Ризваноли (Edon Rizvanolli)
Улоги: Адриана Матоши, Јасон де Ридер, Ники Веркар (Adriana Matoshi, Jason de Ridder, Niki Verkaar)
Албан и мајка му Зана живеат во Холандија. Тој се чувствува како отпадник од општеството и се обидува да го најде своето место под сонцето, обично преку тепачки и конфронтации со своите врсници. Таа, пак, сè уште живее со траумите од војната во Косово, и целосно е посветена на работата и прехранувањето на семејството.
Албан ќе се запознае со Ана и лудо ќе се вљуби во неа, но кога мајка му ќе дознае дека девојката има српско потекло, силно ќе се спротивстави на врската. Набргу потоа Зана ќе разбере дека мајка ѝ починала, и заедно со Албан ќе заминат за Косово, за да присуствуваат на погребот. Тука Албан ќе се соочи со реалноста на својата мајка – неговиот дедо, таткото на Зана, ќе ги избрка од дома и ќе им каже дека се непожелни.
Повторно во Холандија, Зана ќе се обиде да се соземе, да ја прифати својата состојба, новата средина и да се помири со новиот живот далеку од дома, па дури и со врската на синот. Една случајна средба повторно ќе ја врати во болното минато, а Албан ќе разбере што точно се случило со неа и зошто денес живеат далеку од семејството.
НЕДЕЛА НА КОСОВСКИ ФИЛМ
23 ДЕКЕМВРИ (НЕДЕЛА), 19:00 ч.
ДОМЕ СЛАТКИ ДОМЕ
(Shtëpi e ëmbla shtëpi / Home sweet home)
Игран филм, Косово / Македонија
2016 г., 90 мин., колор, ДСП
Режија: Фатон Бајрактари (Faton Bajraktari)
Сценарио: Зумбер Келменди Zymber Kelmendi)
Улоги: Донат Ќосја, Арта Мучај, Шкумбин Истрефи, Леа Ќосја, Сусан Мустафов, Албин Бајрактари (Donat Qosja, Arta Muçaj, Shkumbin Istrefi, Lea Qosja, Susan Mustafov, Albin Bajraktari)
По војната Агрон долго време го сметале за исчезнат. Другарите соборци го виделе како умира, но потоа не знаат што се случило со него или неговото тело. Сепак, една вечер тој се појавува дома, а неговото семејство е пријатно изненадено, но и шокирано и збунето. Среќни се што е жив и здрав, но… Како сега да им го објаснат на другите неговото враќање?
Многу проекти во селото се реализирани во чест на неговата „херојска смрт“. Многу луѓе профитирале од тие проекти, а и неговото семејство прима финансиска помош – како семејство на паднат борец! – и уште има и подигнато кредит во име на тие средства. Во оваа траги-комична ситуација, Агрон е исправен пред две решенија – да излезе пред сите и да докаже дека е жив или да се крие и сочека проектите да завршат, а и кредитот да се исплати.
Времето минува, Агрон се крие дома, а во училиштето кое го носи неговото име се подига негов споменик. Агрон е сè повеќе збунет и изгубен.
НЕДЕЛА НА КОСОВСКИ ФИЛМ
23 ДЕКЕМВРИ (НЕДЕЛА), 21:00 ч.
ЕХО
(Eho / Echo)
Игран филм, Косово / Германија
2016 г., 93 мин., колор, ДСП
Режија: Дрен Жерка (Dren Zherka)
Сценарио: Дрен Жерка (Dren Zherka)
Улоги: Клара Хофелс, Селман Јусуфи (Klara Hofels, Selman Jusufi)
Хана во Германија започнува да ја истражува смртта на еден нелегален имигрант, но патем ја открива сопствената осаменост и длабоката тага вкоренета во нејзиниот живот. Илир во Косово, пак, се соочува со тоа што го изгубил во животот. Ниту очекува да добие помош од другите, иако изгубил сè за што се борел и работел во животот. Тој веќе ги изгубил сопругата и ќерката во војната, а нивното присуство сè уште го чувствува во полуопожарената куќа во која живее. A сега, го изгуби и синот.
Во Германија, Хана се обидува да сочувствува со семејството на младиот човек, притоа чувствувајќи одгромна вина. Пополека открива многу нешта за животот на младиот човек во Германија.
Двајцата се во поодминати години, не се познаваат лично, но нивните преиспитувања, истражувања, размислувања се насочени кон животот и смртта на еден млад човек.
—
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.