Во февруари Кинотека на Македонија најави проекции на десетина наслови од поновата македонска играна и документарна продукција и копродукциски проекти – КОБРА на Игор Иванов-Изи, НЕЗАБОРАВНА ПРОЛЕТ ВО ЗАБОРАВЕНО СЕЛО на Куштрим Бектеши, ЗБОР на Слободан Деспотовски, ИЛУЗИЈА на Светозар Ристевски, МЕДЕНА НОЌ на Иво Трајков, ВРАЌАЊЕ на Кастриот Абдили, ЖЕНАТА НА МОЈОТ ЖИВОТ на Антониј Дончев, ПИЈАВИЦИ на Драган Маринковиќ.

Февруари е традиционалниот термин за дводневниот фестивал на музички документарци СКОПЈЕ СИНЕМА СИТИ, а веднаш по него следуваат ДЕНОВИ НА СЛОВЕНЕЧКА КУЛТУРА. Во рамките на овие денови, а по повод 100 години од раѓањето на режисерот Франце Штиглиц – кој ја задолжи и македонската кинематографија со два играни филма, ВОЛЧА НОЌ и ВИЗА НА ЗЛОТО – ќе бидат прикажани неговите меѓународно наградувани филмови НА СВОЈАТА ЗЕМЈА и ДОЛИНА НА МИРОТ, како и ВИСТИНСКИ КОПИЛИЊА на Јоже Бевц и ЗА ДУША на Матјаж Клопчич, велат од Кинотека.

Редовната месечна проекција на Француски кино клуб го носи насловот ДАМЈАН САКА ДА ГО ПРОМЕНИ СВЕТОТ, а филмот по избор на Гете Институтот е ТРИ на Том Тиквер.

Секако дека не ја заборавивме и неодамна починатата Неда Арнериќ, вистинска икона (и) на македонската кинематографија од 60-те и 70-те години на минатиот век. Во нејзина слава ќе бидат прикажани ВРЕМЕ БЕЗ ВОЈНА и ИСТРЕЛ на Бранко Гапо, ТАТКО (КОЛНАТИ СМЕ, ИРИНА) на Коле Ангеловски и ИСПРАВИ СЕ, ДЕЛФИНА на Александар Ѓурчинов, информираа.

Февруари ќе биде и месец на ФЕСТИВАЛ НА ИРАНСКО-МАКЕДОНСКИ ФИЛМ, во чии рамки покрај 8 играни наслови од поновата продукција ќе бидат прикажани и 4 успешни македонски филмски приказни: МЕДЕНА ЗЕМЈА, ВРБА , ГОСПОД ПОСТОИ, ИМЕТО Ѝ Е ПЕТРУНИЈА на Теона Митевска и ИСЦЕЛИТЕЛ на Ѓорче Ставрески.

Следуваат уште неколку исклучителни филмови од поновата продукција, како ЖАЛ НИ Е ШТО ВЕ ЗАБОРАВИВМЕ на секогаш критични настроениот британски автор Кен Лоуч, ПРЕДАВНИКОТ на исклучителниот Марко Белокио, потоа францускиот филм ДВОЕН ЖИВОТ на Оливие Асајас, како и селекција на наградени краткометражни филмови на струмичкиот фестивал „Астерфест“.

Годинава е престапна, па има и некаква ненамерна симболика: 29 февруари е терминот за Сценаристичка лабораторија со Димитар Банов, на која ќе биде прикажан ГРАЃАНИНОТ КЕЈН на Орсон Велс. Во календарите секоја четврта година е престапна, но ремек-дело како ова на Велс (со косценаристот Херман Манкиевич) се појавува еднаш во половина век. И вреди да се потсетуваме на него, повторно и повторно…

Целосната програма за месец февруари можете да ја погледнете на следниов линк.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.