Кинотека на Македонија ќе го одбележи Светскиот ден на аудиовизуелното наследство со промоција на книгата „Антонио Митрикески: Хроника на еден филмски сон“. Книгата е издание на Кинотеката, а автор е Стојан Синадинов.
Книгата е микс од монографија, биографија, мемоарска проза и критички осврти.
Водена од мотото на оваа глобална манифестација – „Вашиот прозорец кон светот“ – Кинотека ќе ги отвори своите работни простории и депоа за студентите, ученициите, колегите од сродните институции и секторот за заштита на културно наследство, како и за љубопитните граѓани.
Како што посочуваат од Кинотека, одбележувањето на Светскиот ден на аудиовизуелното наследство го започна УНЕСКО, а потоа го прифатија и презедоа меѓународните тела што обединуваат организации и асоцијации на филмски архиви, музеи и институции што се занимаваат со заштита и чување на аудиовизуленото наследство, предводени од Координативниот совет на здруженијата на аудиовизуелни архиви (CCAAA -Coordinating Council of Audiovisual Archives Associations).
Аудиовизуелни архиви (кинотеки, филмски архиви, музеи, библиотеки и тн.) од цел свет во периодот околу 27 октомври на различни начини го одбележуваат овој ден-паметник преку организација на различни настани, проекции, изложби, дискусии итн, со цел да ја подигнат јавната свест за ранливоста на аудиовизуелните материјали и нивното значење за колективната меморија.
Светскиот ден на аудиовизуелно наследство е востановен од УНЕСКО, а денес во негова реализација учествуваат Координативниот совет на здруженија на аудиовизуелни архиви и осум други сродни меѓунарони организации. Mеѓу нив и ФИАФ (Fédération internationale des archives du film / International Federation of Film Archives), кадешто членува Кинотеката на РСМ, а во чест на луѓето и институциите кои работат на зачувување на аудиовизуелните материјали, односно на аудиовизуелното наследство за идните генерации, наведуваат од Кинотеката на Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.