На 5 август (среда), со почеток во 20:00 ч., на програмата на летното кино под отворено небо е македонскиот игран филм „Мирно лето“ на Димитрие Османли.
Пред 60 години, или летото 1960 година Димитрие – Рули Османли започнува да го снима филмот „Мирно лето“ што значи дека следната година ќе го прославиме 60-тиот роденден на првата македонска филмска комедија. Дополнително, оваа година филмот „Мирно лето“ е на списокот филмови што дигитално ќе се реставрираат. Сите тие јубилеи и активности, покрај симболичниот наслов беа повод Кинотекатата да одлучи летното кино да се вика кино „Мирно лето“, соопштија од Кинотека.
„Мирно лето“ (1961) е еден од филмовите-меѓници во македонската кинематографија, со пионерски дух во многу сегменти: Димитрие Османли е првиот македонски филмски режисер, а „Мирно лето“ е првата комедија во македонската кинематографија. Премиерата на филмот се одржала на 18 мај 1961 година во скопското кино „Култура“.
За време на проекцијата на „Мирно лето“ ќе бидат и претставени неколку артефакти од инспирирани од филмот и неговиот автор – меѓу другото карикатури на Василије Попович Цицо и Дарко Марковиќ.
Димитрие Османли беше филмски, театарски и телевизиски режисер, сценарист и педагог. едател на Сојузната комисија за филм…
Тешко е од денешен аспект да се објасни, а особено на помладите генерации, колку големо внимание предизвика овој филм, со колку љубов и воодушевување беа посетувани неговите проекции во кината. Главното дејство се одигрува во Охрид, иако делови од филмот беа снимени и во Скопје. Во она мирно, тивко, предземјотресно Скопје, со својот тогашен неповторлив шарм и убавина, но и убавината и неповторливоста на Охрид, како копнеж и желба на поинаков начин да се доживеат летните денови и авантури. Иако во тие години бевме на тинејџерска возраст, низ Скопје се ширеа приказни на кои места е снимен филмот, во кои објекти, што потоа бевме да ги посетиме, да ги видиме одблиску, особено делови од палатата на Рубенови во паркот. Настапуваа врвни, во тоа време особено популарни актери, но врвни мајстори беа и камерманите (Љубе Петковски), сценографите (Диме Шумка), сценаристите (Фрида Филиповиќ), монтажерите (Маја Лазаров), сето тоа беше обединето под режисерската палка на Димитрие Османли и продуцентот „Вардар филм“. Внимание привлекуваше самиот жанр – комедија, но и артистите што оставија траен белег во филмската и во театарската историја. Но во филмот се појавува уште еден јунак што не смее да се заборави, и кој во дејството внесува посебен шарм: тоа е италијанскиот автомобил „фиат балила“, кој им помага на јунаците од филмот, но им прави и проблеми кога ќе се расипе…“, вака пишуваше за „Мирно лето“ хроничарот и писател Данило Коцевски пред две години.
Во филмот играат: Љупка Џундева, Слободан Перовиќ, Мери Бошкова, Илија Милчин, Дарко Дамевски, Ацо Јовановски, Петре Прличко, Илија Џувалековски.
Преку една доста едноставна приказна публиката се запознава не само со ликовите на филмот, туку и со идеја за менталитетот на еден народ. Околностите на животот доведуваат Заре и Мира преку летото да се преселат во Охрид на подолг престој, надевајќи се дека ќе најдат спокојство и бегство од неуморните очи и усти на нивното соседство. Но, нештата никогаш не се толку едноставни. Со доаѓањето на првиот гостин во Охрид се отвара портата и за други непоканети гости. Започнува бркотница и хаос, кои брачниот пар Мисевски никако да ги избегнат и да го достигнат долго посакуваниот мир…
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.