Во Кинотеката синоќа беше прикажана дигитално реставрираната верзија на ПЕКОЛОТ (L’Inferno / Dante’s Inferno), италијански црно-бел нем филм од 1911 година, во траење од 71 мин., во режија на Франческо Бертолини, Адолфо Падован и Џузепе де Лигуро (Francesco Bertolini, Adolfo Padovan, Giuseppe de Liguoro).
ПЕКОЛОТ е вистински кинотечен бисер и прв долгометражен игран филм во светската кинематографија (реставриран во 2002 година), снимен според ПЕКОЛОТ (L’Inferno), првиот дел од епот „Божествената комедија“ (La Divina Commedia) на Данте Алигиери (Dante Alighieri), кој се смета за фундамент на модерниот италијански јазик и на новоевропската книжевност и култура.
Со проекцијата на ПЕКОЛОТ, Кинотеката и Амбасадата на Италија ја одбележаа Неделата на италијанскиот јазик во светот, глобална манифестација која традиционално се одржува во октомври, како и 700-годишнината од смртта на Данте Алигиери.
Директорот на Кинотеката Владимир Ангелов го отвори настанот, поздравувајќи ја неговата екселенција амбасадорот на Република Италија во Република Македонија, Андреа Силвестри (Andrea Silvestri), и присутните гости. Ангелов изрази големо задоволство што пијанистот Марио Маријани (Mario Mariani) по втор пат во Кинотеката „озвучува“ ремек-дело на италијанската кинематографија од немата ера, по КАБИРИЈА (Cabiria) од 1914 година на Џовани Пастроне (Giovanni Pastrone, познат и под псевдонимот Пјеро Фоско).
Филмот ПЕКОЛОТ го претстави професорот Марко Пешетели (Marco Pescetelli), лектор по италијански јазик и голем познавач на историјата на италијанската кинематографија. Пешетели во неговиот вовед во филмот наведе дека ПЕКОЛОТ, како и други црно-бели дела од немата ера на филмот, всушност и не биле толку црно-бели и неми: делови од филмовите биле боени рачно, а проекциите на филмовите биле редовно придружувани со оркестарска музика или пијано придружба. Професорот Пешетели спомена и дека на тие проекции во пионерското доба на кинематографијата во Италија имало луѓе зад платното кои на гледачите ги читале репликите или дидаскалиите од филмот (обично испишани како телоп меѓу сцените), бидејќи во публиката во тоа време имало многу неписмени, а кога содржината тоа го барала, „произведувале“ и звуци и шумови. Екранизацијата на ПЕКОЛОТ била инспирирана од веќе добро познатите илустрации на на познатиот графичар Гистав Доре (Gustav Doré), француски сликар од 19 век.
Пешетели го најави маестро Маријани, чија динамична пијано придружба во живо ја збогати проекцијата на ПЕКОЛОТ. Маријани е авангарден композитор и изведувач со неконвенционален пристап. Компонирал музика за повеќе од стотина играни, кратки и анимирани филмови, театарски претстави и рекламни спотови, како и за потребите на филмскиот фестивал во Венеција, а веќе три децении изведува придружна музика за проекција на неми филмови (на Д. В. Грифит, К. Д. Дрејер, Ф. Ланг, Ф. В. Мурнау, Ж. Мелијес, Ѕ. Вертов и др).
ПЕКОЛОТ е филм од жанрот на фантастичниот хорор и е составен од 54 сцени чија визуелизација е главно инспирирана од илустрациите на познатиот графичар Гистав Доре (Gustav Doré), француски сликар од 19 век. „Божествената комедија“ на Данте Алигиери е инспирирана и посветена на неговата голема љубов Беатриче Портинари (Beatrice Portinari). Епот на Данте Алигиери се смета за фундаментално дело на европската книжевност во Средниот век, а неговиот јазик подоцна станал основа на создавање на модерниот италијански јазик.
Филмот е сниман во филмското студио во Милано и во пејзажите на Ломбардија. За неговата реализација биле ангажирани стотина статисти и продуцентската куќа „Милано филмс“ (Milano Films) користела напредни специјални ефекти за тој период, па филмот доживеал голем публицитет во јавноста и пред неговата премиера. Филмските хроничари ги истакнуваат тогашните иновативните методи на дистрибутерот Густаво Ломбардо (Gustavo Lombardo), кој продавал ексклузивни авторски права за поединечни територии во Италија и во европските земји. ПЕКОЛОТ имал долгогодишна прикажувачка историја, а некои негови атрактивни сцени подоцна биле инспирација (некои биле и копирани) во низа холивудски и европски филмови и во звучниот период на филмот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.