Престанува со работа проектниот простор „Кино Култура“. Уметниците Слободан Унковски, Александар Поповски, Биљана Тануровска – Ќулавковски, Мирко Попов преку писмо до јавноста соопштија дека заврши приказната за овој простор.

Ја завршивме оваа приказна за овој простор, после долга финансиска агонија, недоволна политичка волја за поддршка, но и покрај тоа, сакаме идејата да продолжи и понатаму… Си одиме од просторот, но идејата за Кино Култура како простор на слобода, кој ќе се гради низ соработка, каде ќе се продуцира и гледа еден поинаков театар, танц, уметност воопшто, каде ќе се мисли поинаку, продолжува понатаму.

Го отворивме во декември 2015, и во текот на овие, скоро пет години, поединци, соединети преку две организации (Театар Навигатор Цветко и Локомотива), развиваа простор кој пред сè беше замислен како ново место за театар, танц, перформанс, но и за останати содржини кои доаѓаат од пошироката културна и граѓанска сцена. Го замисливме како простор кој на некој начин ќе ја продолжи мисијата на Мала Станица, еден простор во кој во 90те некои од нас учевме како да создаваме вонинституционална култура, да креираме нов театар, но и изложби, филмови и други активности – заедно со другите организации и поединци, пишуваат уметниците.

Потписниците на писмото велат дека „им е жал што и покрај несомнените успеси и динамизација на македонската, а особено скопската-оф култура, не ја добиле неопходната поширока поддршка од државата и од оние кои можат преку креирање на добри политики да потпомогнат ваква и слични идеји да растат, да се развиваат и да живеат.

Направивме заедно повеќе од 30 продукции, донесовме повеќе од 500 меѓународни уметници, над 1000 дебати, предавања, конференции, работилници, детски програми и уште многу други содржини. Но, најмалку се важни бројките, креиравме идеја за заедничко работење, за инклузија, за развој, се наведува во писмото.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.