Меѓународно чествување на Блаже Конески, по повод 100-годишнината од неговото раѓање, а во знакот на Светскиот ден на поезијата што Република Македонија го одбележа во УНЕСКО, денеска се одржа во Париз. По тој повод официјално беа објавени добитниците на „Златниот венец на Струшките вечери на поезијата” и на „Мостови на Струга”, информираат од Министерството за култура.
Во текот на културниот настан, амбасадорката Чаушевска Димов официјално ги објави имињата на лауреатите на „Златниот венец на Струшките вечери на поезијата” и на наградата „Мостови на Струга“.
Оваа година, Златниот венец ‘и припадна на Керол Ен Дафи, родена во Глазгов во 1955 година, една од најзначајните современи поетеси во Велика Британија, авторка на педесетина книги и досегашна добитничка на значајни книжевни награди и високи одликувања, меѓу кои и почесните титули Дама-заповедник на Редот на Британската Империја (2015) и Поет-лауреат на Обединетото Кралство (2009-2019), информираат од Министерството за култура.
Наградата за дебитантска поетска книга доделена во соработка со УНЕСКО, „Мостови на Струга“, му припадна на Владан Кречковиќ, роден во Белград во 1988 година. Наградената книга „Париз,Тексас“, насловена според култниот филм на Вим Вендерс, на еден мошне суптилен и непретециозен начин говори за љубовната разделба без патетика и нуди поинаква перспектива на оваа вечна тема.
Настанот со кој Македонија го одбележа во УНЕСКО Светскиот ден на поезијата и 100-годишнината од раѓањето на Конески го збогати настапот на Дуото СолиПсе, односно македонската флеитистка Елена Стојческа и францускиот гитарист Ромен Петио, со интерпретација на две дела од народниот македонски музички опус – Зајди зајди и Гајдарско оро – во аранжман на Мирослав Тадиќ, велат од Министерството за култура
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.