На 27 март во Македонската опера и балет ќе биде изведена камерната опера „Помеѓу соништа и летови“, со почеток во 20.00 часот (мала сцена). Делото е компонирано од Горан Начевски, диригент е Иван Еминовиќ, режисер Љупка Јакимовска, сценограф Зоран Николовски, костимограф Бранкица Јордановска, кореограф Маја Каревски, концерт мајстор Јане Бакевски, хор мајстор Јасмина Ѓоргеска, светло дизајн Нино Митевски, асс. диригент Катерина Стојковска.
Во улогата на ѕвездата настапува Александра Лазаровска Василевски, таткото е Дејан Стоев, патникот е Невен Сиљановски.
Учествува оркестарот на МОБ.

Секој од нас е патник. Патниците чекорат напред, или се враќаат назад. Чекаат. Се надеваат. Копнеат. Љубат. Плачат. Се плашат. Сонуваат, барајќи ја својата среќа. Со преполни или празни куфери. Понекогаш нема куфери. Само патникот,сам, со својата ѕвезда која му го осветлува патот. Патникот, ѕвездата и тишината. Приказна без почеток во која е возможно да се сретнеме со оние луѓе, со кои гледањето во нивните очи, прегратката и разговорот со нив посакуваме да траат вечно, бесконечно…во чекалната, обоена со најубави бои и со најубавиот поглед кон градот, морето, цвеќињата, птиците, бродовите…и авионите.“
Во либретото секој од нас да ја пронајде својата верзија од приказната. Приказна за моментот кога не сме сигурни што е сон, а што вистина, или за тоа, кој е реалниот, а кој замислениот свет. Приказна без почеток, но со среќен крај, како спротивност од трагичните завршетоци на најголемиот број дела од оперската литература. И уште една спротивност, парадокс во изборот на видот на глас кај улогата на Таткото. Родителите секогаш, во оперите се средни или длабоки гласови: алти, мецосопрани, баси или баритони, и затоа, во ова дело, таткото е тенор, кој во еден момент вели дека понекогаш е невозможно да се воспостави граница помеѓу сонот и вистината, минатото и иднината („чекориме ли напред, или се враќаме назад“ – Патникот бара од Ѕвездата да му го осветли и покаже патот на времето…)
Всушност, токму поради горенаведеново, е невозможно да се наведе конкретна кратка содржина, бидејќи самиот поднаслов е „сценска лирска фантазија“, целта е секој од публиката да донесе свое толкување и заклучок од случувањата во приказната, за што, несомнено ќе придонесе и видувањето на режисерката Љупка Јакимовска.
Составот е камерен оркестар, камерен хор и солисти: сопран (Ѕвездата), тенор (Таткото) и баритон (Патникот). Режијата вклучува и двајца балетски играчи.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.