Изминатиов викенд Скопје беше домаќин на два исклучителни концерти. Едниот во арената „Борис Трајковски“, другиот во Македонската филхармонија. Извонредни музичари, познати и признати во цел свет – Горан Бреговиќ и Стефан Миленковиќ. Програмата одлична, настапот на Македонската филхармонија која и на двата концерти ги придружуваше овие ѕвезди извонреден, но…публиката затаи. Уште еднаш покажавме дека немаме сенс и не знаеме да испочитуваме вакви уметници.

Во петокот во арената „Борис Трајковски“, Бреговиќ премиерно го претстави проектот „Три писма од Сараево“. Три виолини, тројца извонредни уметници од Израел, Србија и од Тунис ги донесоа со него пораките за мир, соживот, толеранција, убавина, уметност, музика…Но, публиката во салата очигледно не беше подготвена за ваква музика и толку гласно разговараше за време на концертот што Бреговиќ во еден момент му даде знак на диригентот да застане и ги опомена да замолчат…Срам невиден. Но, тука не престанува некултурното однесување. Сакајќи целосно да се предадеме на музичкото патување кое го подготвил како резултат на инспирацијата од приказната за стариот Евреин кој 60 години се молел на ѕидот на плачот, Бреговиќ инсистираше да не се ракоплеска во ритамот на музиката. Но, дали присутните не разбраа што им вели или едноставно тие беа дојдени за играње и скокање, продолжија да плескаат. Четири пати ги опомена музичарот: „Ве молам немојте !“…но за жал присутните никако да сфатат дека таа музика едноставно требаше да се доживее со сите сетила. Гласното разговарање и правење „селфи“ додека течеше концертот не престанаа. Не изостана ниту снимањето и преносите во живо…Едноставно оставивме впечаток на некултурна и неедуцирана публика. Тотално непочитување на уметниците.

За жал истото се повтори и следниот ден во Македонската филхармонија на концертот на Стефан Миленковиќ. Овој уметник, „чудото од дете“ има толку голем багаж зад себе што навистина би било невкусно да не се следи со внимание неговиот настап. Но, не. Публиката повторно си го покажа воспитувањето….ракоплескање меѓу ставови, ѕвонење на телефони, шепотење, разговор во тек на концертот, лупење бомбони, мастики…Дури некои од гледачите сведочат дека две девојки во живо го пренесувале концертот од телефон, а од таму некој гласно извикувал: Ало, Ало….

Премногу звуци, премногу незнаење и непочитување на Филхармонијата и гостинот, премногу залутани во салата. Неколку пати „поједе ме туѓи стид“ и посакав земјата да ме проголта, онака се набив во столчето. Мислам дека треба да се организира курс за посетители за разни културни настани со инструкции на кој настан какво однесување е дозволено, и карти да им се продаваат само на оние што ќе приложат и потврда за завршен курс, напиша на Фејсбук една госпоѓа која присуствувала на концертот на Стефан Миленковиќ.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.