Платформата „Терапија“ на 15 јануари од 20 часот организира онлајн културен настан „Како што е“. На ова аудио-визуелно патување, музичката селекција на Илина Ангеловска ќе комуницира со уметничките дела на Антони Мазневски изложени во Чифте Амам. Настапот, изборот на музика, светло и атмосфера, велат од „Терапија“, ја почитува автентичноста на просторот и претставува суптилен спој на визуелната и клупската култура.

„Како што е“ е најновиот ликовен проект на уметникот Антони Мазневски, скопјанец дипломиран на Факултетот за ликовна уметност. Проектот, велат од „Терапија“, го афирмира интересот за космичката интеракција и можноста за нејзина реинтерпретација. Морфолошката слика илустрира геометриски ликовен ракопис, индивидуален метод, животен пулс.

Целта на изложбата е да се презентира неговата понова, седумгодишна продукција пред јавноста. Да се предочат неговите истражувања и усовршувања во полето на ликовната естетика, филозофската мисла, занаетските квалификации. Да се упати или повика другиот на разговор, се вели во најавата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.