На неколку дена пред доделувањето на Оскарите, погледнете дел од фотографиите направени за време на снимањето на документарниот филм „Медена Земја“ на режисерите Тамара Котевска и Љубомир Стефанов кој доби две номинации за Оскар, за најдобар документарец и за најдобар странски филм.

Ова е првиот македонски филм со две номинации за Оскар, со што „Медена земја“ испиша историја.

„Медена земја“ е филм за Атиџе Муратова, последната жена-одгледувач на диви пчели во Европа, која живее сама со мајка си зафрленото напуптено овчеполското село Бекирлија и која медот го собира по принципол пола-пола – пола за неа, пола за пчелите. Главна идеја на филмот е да се прикаже припадноста на човекот кон природата и нарушување на природната рамнотежа преку судир на два различни начина на искористување на природните ресурси. Екипата го снимаше документарецот во текот на три години.

Деведесет и второто доделување на престижните Оскари е закажано на 10 февруари во театарот Долби во Холивуд. Преносот почнува околу 2 часот пополноќ, според средноевропско време. Втора година по ред, церемонијата на доделување Оскари нема да има водител.

Претседателката на ТВ-мрежата Еј-Би-Си, Кери Берк, кажа дека „преносот ќе се фокусира на она што добро функционираше и минатата година, како добра забава, врвни музички настапи и многу комедија и ѕвезди“. Церемонијата телевизиски ќе се пренесува во повеќе од 225 земји низ светот.

Фотографиите се на режисерите Котевска и Стефанов.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.