На сцената во Македонскиот народен театар на 17 ноември со почеток во 20 часот ќе се одигра 50-та јубилејна изведба на претставата „Кец на десетка“, комедијата која со спонтан хумор брзо ја освојува публиката.

„Кец на десетка“ од авторот Митко Бојаџиски, а во режија на Драган Спасов-Дац и Јордан Симонов, сите овие изминати години, па до денес се игра пред полн салон, и ја воведува публиката во хумористичното дејство кое се одвива во едно сосема нормално семејство, при што ситуациите и околностите ги наведуваат ликовите во поинаква насока.

Харизматичните ликови на таткото Доксе – Александар Микиќ, мајката Грациела – Тања Кочовска, ќерката Ана – Нина Деан/Софиа Насевска-Трифуновска и Тоше – Ивица Димитријевиќ/Стефан Спасов, оставаат хумористичен печат и спонтано допираат до срцата на театарската публика.

Претставата во изминатите години имаше повеќе гостувања и учества на домашни фестивали, а премиерно беше одиграна токму пред четири години на 17 ноември 2017 година.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.