Јубилејната, 200. книга во популарната едиција „ПРОаЗА“ на „Или-Или“ е новиот роман на бугарскиот писател Георги Господинов, „Засолниште во времето“, информираат од издавачката куќа.
Преводот од бугарски на македонски јазик е на Душко Крстевски, дизајнот на корицата е на Марија Смилевска, а излегувањето на книгата е дел од програмата „Креативна Европа“ на ЕУ.
Како еден од најчитаните автори од преводната литература, чии романи „Физика на тагата“ и „Природен роман“ и збирките раскази „И сè стана месечина“ и „Сите наши тела“ се меѓу најкоментираните и најомилените меѓу нашата читателска публика, драго ни е што со новиот роман на Георги Господинов го славиме овој убав јубилеј на нашето издаваштво, на прагот на дваесетгодишнината од нашето постоење, велат од „Или-Или“ .
За новиот роман на Господинов, критичарите напишаа:
Моќен и брилијантен роман: јасен, претчувствителен, енигматичен. Роман во кој иднината попушта како скапана греда, а минатото надоаѓа како поплава“. Сандро Веронези, автор на „Колибри“ и „Тивок хаос“, двоен добитник на Premio Strega
„Бугарскиот романсиер напишал екстравагантен роман, сочинет од варијации на темите на минатото, сеќавањето и заборавот“. Маестрално. Ле Фигаро
Георги Господинов (1968) е поет, романсиер и сценарист. Тој е најпреведуваниот бугарски современ писател, чии книги досега се преведени на повеќе од дваесетина јазици. На македонски се објавени: „Природен роман“(Темплум, Или-Или), „И други приказни“ (Темплум), како и збирката песни „Балади и распади“ (Блесок), неговиот најуспешен роман, „Физика на тагата“ (Или-Или, 2015) , и збирките раскази „И сè стана месечина“ (Или-Или, 2017) и „Сите наши тела“ (Или-Или, 2019).
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.